Сите невработени лица ќе имаат можност да аплицираат за грант за самовработување во висина од 4.000 евра

avrm-1.jpg

Од денеска во наредните десет дена сите невработени лица ќе имаат можност да аплицираат за грант за самовработување преку отворање сопствен бизнис во висина од 4.000 евра.

Со оперативниот план за 2017 година со програмата за самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени лица од евиденцијата на АВРМ, активни баратели на работа, во 1.000 новоотворени микро компании. Мерката се спроведува 11-та година по ред, а за годинава за неа се предвидени вкупно 283 милиони денари.

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на почнување на бизнисот.

– Оваа програма има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање почетни бизниси кои ќе обезбедат одржливи вработувања, не само за самите основачи, туку и за други лица кои ќе се вработат во овие почетни одржливи бизниси. Програмата поттикнува и создавање рамномерна дистрибуција на економските субјекти во земјава, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Потенцира дека ова е единаесетта по ред година во која се спроведува оваа програма и оти со неа се постигнува целта за зголемување на вработувањето, со оглед на тоа што, како што рече, 70 проценти од бизнисите успеваат да опстанат на пазарот и по неколку години, како и дека во дел од активните фирми има зголемување на бројот на вработени. Од 2007 до 2016 година, додаде Ибрахими, преку програмата основани се 8.730 фирми во кои се вработени 8.969 лица.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail