СКЕЕОР 2021: Поддржани од искуствата и знаењата на стручните кадри, младите со фокус на изнаоѓање решенија од областа на одржливоста на животната средина и енергетската ефикасност

SKEEOR21_Plenarna-Sesija_Ana-Lazarevska_2021.jpg

СТУДЕНТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ СКЕЕОР 2021

Често се среќаваме со зборот “одржливост“ и многу од нас и секојдневно го употребуваат, но дали знаеме што всушност подразбира поимот “одржливост на животната средина“?

Според Светската Комисија за животната средина и развој на Обединетите Нации, одржливоста на животната средина подразбира однесување на начин кој ќе им обезбеди на идните генерации достапни природни ресурси, со цел еднаков или подобар начин на живот во споредба со оној кој го имаат сегашните генерации. 

Одржливоста на животната средина игра голема улога во секојдневната употреба и потрошувачката на енергијата, храната и човечките ресурси. Брзото зголемување на популацијата континуирано го зголемува производството и земјоделството. Сведоци сме на забрзаниот пласман на продукти и трендови на “брза“ потрошувачка. Сето ова доведува до повеќе емисии на штетни гасови, неодржлива употреба на енергија и уништување на шумите. Со други зборови, потребни ни се повеќе енергија и материјали од кога било досега, додека пак планетата Земја може да обезбеди одреден, ограничен капацитет ресурси. Како резултат на ова, неопходно е бизнисите да се ангажираат во полето на одржливоста и како група која има моќ да ги придвижи работите кон подобро, да инвестираат во одржливоста на животната средина, преку одржливи и одговорни практики како намалување на отпадот, користење чиста енергија и исплата на фер плати. Покрај деловните субјекти, секој еден поединец може да се ангажира околу одржливоста на животната средина и да даде свој личен придонес. На овој начин, преку заеднички, колективен придонес, се помага во одржувањето на животната средина, намалувањето на климатските промени и зголемувањето на грижата кон маргинализираните или сиромашните заедници кои се непропорционално погодени преку одредени практики. 

Методите за одржливо живеење заземат многу облици, од уредување на условите за живеење со користење на енергетски ефикасни практики (на пример, еко села, еко општини, одржливи градови) до преиспитување на работните практики (на пример, одржлива архитектура, обновливо земјоделство), или развивање и примена на нови технологии кои ќе ја намалат потрошувачката на ресурсите.

Оваа тематика е една од петте сегменти на кои секоја година се фокусира Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој СКЕЕОР. Во рамки на областа на одржливоста на животната средина, СКЕООР третира теми како: Нови технологии за рециклирање и третирање отпад; Паметни мрежи; Примена на нови методи за искористување на нано-материјали и Глобално затоплување.

Овогодинешното, деветто издание на Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021 ќе се одржи во периодот од 13.12. до 16.12.2021. Присутните ќе имаат можност да го слушнат предавањето на проф. д-р Ана Лазаревска кое за цел ќе има надградба на капацитетите кај студентите за истражување и пронаоѓање соодветни решенија во борба против климатските услови, загадувањето и неодржливиот општествен развој, како и дискусии за влијанието на ковид-19 врз одржливоста на животната средина.

За сите информации поврзани со овогодинешното издание на СЕЕКОР, посетете ја официјалната веб страница: www.skeeor.feit.ukim.edu.mk.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail