1-2.png

Интервју со м-р Анче Јованоска, менаџер за човечки ресурси во Семос Едукација и раководител на Кариерниот центар

  1. Еден од проектите во рамки на Кариерниот центар се летните менторски програми. Што тие значат за компаниите како работодавци, за потенцијалните вработени и општо за пазарот на трудот во ИТ индустријата?

Кариерниот центар е формиран со цел да им помогне на две страни истовремено: активната и потенцијална работна сила која поминува низ нашиот тренинг центар на обука, дообука и преквалификација, од една страна, и компаниите кои бараат кадар со соодветни квалификации, од друга страна. Една од задачите на Кариерниот центар е да ги следиме потребите на компаниите, да одговориме на барањата на пазарот на трудот и согласно на тоа успешно да градиме кадар кој ќе може да одговори на овие барања. Оттука произлезе и идејата за менторските програми. Овие програми им помагаат на компаниите да добијат кадар кој ќе ги има потребните технички вештини за работа во таа област.

  1. Летните менторски програми на Семос Едукација се реализираат трета година по ред. Раскажете ни накратко, што тие претставуваат и кој може да се пријавува?

Менторските програми се реализираат трета година по ред и сме многу среќни што веќе е концепт кој е препознатлив помеѓу луѓето и компаниите.

Сите слушатели кои ќе се запишат на овие програми, покрај обуката која ќе ја следат, ќе имаат можност да работат на реален проект доделен од страна на компанија и да бидат следени од ментор, лице вработено во самата компанија, практичар кој ќе сподели знаење и реално искуство од соодветната област.

Во однос на пријавување, може да се пријави секое лице кое сака да учи, да се доквалификува или преквалификува, како и да работи на реален проект. Праксата ни покажала дека најчесто се пријавуваат студенти, невработени лица или лица кои прават целосна преквалификација.

  1. Дали ги дефиниравте овогодинешните компании-ментори? Кој сѐ ќе учествува на проектот?

Компаниите се веќе дефинирани, ќе учествуваат повеќе компании кои се добро познати во ИТ светот. Како компанија ментор во MERN Full-Stack Developer ќе биде компанијата InPlayer. Во делот на Microsoft ќе понудиме неколку програми и тоа за Microsoft Web Developer со компанијата ITCrowd, потоа Microsoft Server Administrator со компанијата САГА, и Data Analyst за која сѐ уште чекаме потврда. Cisco менторската програма ќе биде во соработка со компанијата EuroBPO. Во делот на креативата ќе понудиме Adobe менторска програма со маркетинг агенцијата Division, Autodesk менторска програма со компанијата МОНТИМПЕКС. За првпат оваа година ја воведуваме и менторската програма за фотографија со маркетинг агенцијата Perfect и Аngelovski Photography.

Сите компании се со огромно искуство во областа во која работат и менторите кои ги дедицираа за овие проекти имаат големо знаење и искуство.

  1. Неколку компании редовно учествуваат на летната едукативна програма уште од првата година. Зошто е тоа така, какви бенефиции имаат фирмите од овие менторства?

Точно, и тоа многу нѐ радува бидејќи компаниите ја препознаваат важноста од овие програми. Помеѓу нив се: компанијата ITCrowd која првата година беше дел од Microsoft Web Developer и одбра тројца од учесниците за понатамошна пракса; компанијата EuroBPO која и претходната година беше дел од Cisco менторската програма и на крај имавме две успешни приказни: Дамјан и Даниел – учесници на програмата кои сега се дел од нивниот тим.

Најголемиот бенефит за компаниите е тоа што имаат пристап до лица кои сакаат да учат и да бидат во тек со новините во ИТ индустријата. Тие имаат можност во период од 3 до 4 месеци (колку што траат овие програми) да ги запознаат учесниците во програмите, да ги согледаат нивните знаења, како и да видат колку тие лица ќе можат да се вклопат во културата на соодветната компанија

  1. Кое е досегашното искуство, дали слушателите покрај работата под менторство на големи компании, успешно завршените курсеви и стекнатите сертификати, имале можност за пракса или пак вработување во некоја од компаниите?

Секако, низ годините имавме неколку успешни приказни. Конкретно од минатата година неколку наши учесници станаа дел од тимот на неколку компании. Агим и Горан се дел од тимот на Snnipet 7, Дамјан и Даниел се дел од EuroBPO, Стефан е дел од тимот на Семос. Ги повикуваме сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од понудените програми, да се пријават и да станат новата успешна приказна од летната менторска програма.

  1. Кариерниот центар на Семос Едукација е првиот од ваков тип за вработување на ИТ професионалци. Како функционира оваа платформа и дали сите кои ќе се запишат на одреден курс во Семос Едукација се регистрирани во Кариерниот центар?

Идејата за Кариерниот центар произлезе од потребата да се понуди сертифициран и технички подготвен кадар на компаниите. Најпрво започна како систем за кариера и општествена одговорност на компанијата, преку кој ги препорачувавме нашите најдобри слушатели на компании соработници. Сега, Кариерниот центар е дел од Семос Едукација, двигател и поттикнувач на развој на нови идеи и успешни приказни.

Во просек на годишно ниво имаме преку 3000 слушатели кои стануваат дел од базата на Кариерниот центар. Секој слушател кој ќе се запише на било кој курс во Семос Едукација, станува потенцијален кандидат за препорака во некоја компанија.

  1. Во менторската програма учесниците ќе имаат можност да работат на реални проекти дадени од страна на компаниите. Дали оваа година можеби ќе очекуваме нешто ново?

Учиме од искуствата и концептот на менторски програми го дополнуваме и го подобруваме секоја година. Оваа година го зголемивме бројот на менторски часови кои учесниците ќе ги имаат со менторите од компаниите, како и со нашите предавачи кои ќе им помогнат во изработка на проектите. Предност се и сертифицираните предавачи кои ќе ги реализираат курсевите и менторите кои се со огромно искуство.

  1. Каде можат заинтересираните да се информираат за претстојните летни менторски програми и да го донесат правилниот избор за соодветните курсеви?

Сите детали и информации за овие програми се објавени на социјалните медиуми и на нашата веб-страница, a за било какво прашање или насока нашиот тим стои на располагање. Исто така, од голема помош за сите заинтересирани ќе бидат и отворените денови кои ќе се организираат за секоја програма поединечно. На овие отворени денови присутните ќе имаат можност да се запознаат со нашите предавачи, со програмата, како и со претставници од компаниите. Термините ќе бидат објавени на нашата веб-страница и на социјалните медиуми.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail