СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ по повод шестото издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“

Nokj_Na_Idei_1.jpg

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ по повод шестото издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“

Колективна размисла за светот по пандемијата на COVID-19

Скопје, 29 јануари 2021 – Прифаќање и прилагодување на промените, како да се напредува во новото дигитално опкружување наметнато од потребата да се заштити здравјето по појавата на пандемијата со вирусот Ковид 19, улогата на новите дигитални навики наспроти потребата за оправување на економијата и нејзината сè поголема дигитализација, како и прифаќањето на новото „нормално“ беа дел од размислувањата на онлајн дебатата на тема „Дигитална ера: толку далеку, а толку близу – новите навики по пандемијата”.

Дебатата беше дел од манифестацијата „Ноќ на идеите“, која шеста година по ред се организираше како дел од еден глобален светски настан. Дебатата ја отвори г-дин Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје, претставувајќи го концептот на оваа манифестација, која во текот на една вечер ги собира интелектуалците од разни земји да ги изложат нивните ставови на актуелна тематика. Обележја на минатогодишната „Ноќ на идеите“ беа близу 1000 учесници ширум светот, како и големиот интерес кај интелектуалците и публиката. Оттука, „Ноќта на идеите“ се наметнува како една задолжителна меѓународна активност на француската културна мрежа.

Годинава, пак, пандемијата со Ковид 19 вирусот, неговото влијание, промените и последиците врз севкупното живеење, беа во фокусот на овогодишната „Ноќ на идеите“ за да повика на колективна размисла за светот по пандемијата на COVID-19.

Професорот на Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Владимир Давчев, ги соочи позитивните со негативните аспекти на „новото нормално“ во нашето секојдневие.

„Најголемиот предизвик, пред кој нè стави пандемијата, е физичката дистанца, односно поминавме на работење од дома, учење од дистанца и постои голема веројатност дека голем број компании и институциите нема да се вратат на „стариот“ начин на работа. Истражувањата покажуваат дека работата во домот создава и поголем стрес, односно според истражување на The Economist, 43% од испитаниците се изјасниле дека доживуваат повеќе стрес отколку порано. Повеќе истражувања открија дека работата од дома е многу потешка за родителите на деца под 18-годишна возраст во споредба со родителите на постари деца или оние кои немаат деца. Со криза може да се соочат и наставниците, едукаторите и обучувачите, додека децата се пред еден поинаков предизвик, односно суштината е дека додека технологијата олеснува многу активности како скриена последица има „атрофија“ на мозокот, односно ги намалува менталните способности“, рече проф. д-р Давчев.

За претставникот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г-ѓа Сања Фрковиќ- Гелевска, „токму нашето искуство од живеењето во пандемијата многу јасно ја долови важноста на дигиталната трансформација на општествата. Прекините на интернетот, збунетите изрази каде да се кликне, кратките неми филмови поради изгаснатите микрофони или звуците од семејството во позадина заради неизгаснатите микрофони, нервозата со онлајн образованието, купувањето онлајн и довербата дали добрата што сме ги нарачале ќе стигнат, чувството на (не)еднаквост во добивањето услугите доколку живеете надвор од главниот град… сите овие наши искуства ги илустрираат можеби суво изразените приоритети на Дигиталната агенда за Западен Балкан“, потенцираше Фрковиќ-Гелевска.

Според Александар Стамболиев, директор Акцелераторот УКИМ, идејата на овогодишното издание на „Ноќ на идеите“ е во 24 часа да се чувствувате „поблиски“, да ги зајакнете врските и да ги урнете границите, да комуницирате со друга публика и да славите размислување без пречки.

„Од Фиџи до Сан Франциско, преку Сеул, Тел Авив или Богота, во текот на целата ноќ, започнува исклучително 24-часовно дигитално искуство за вистинска светска турнеја на мислата, промовирајќи ја слободната размена на идеи и знаење и овозможувајќи локалните искуства да одекнат во глобалниот пренос во живо, преку социјалните мрежи“, рече Стамболиев.

Влијанието на дигиталното во образованието стана реалност 10 – тина години пред појавата на пандемијата, иако не во размерите со кои влијае денес. За тоа како е да бидеш прв во дигиталното образование, една декада пред светот воопшто да се соочи со Ковид 19 пандемијата, говореше Оливје Крузе, педагошки директор на француската школа 42.

„Образованието беше погодено од пандемијата во изминатава година слично како и повеќе области на економијата и на општеството. Различни решенија се појавија низ овој хаос и многу институции започнаа да се прилагодуваат. Информатичко-комуникациската технологија масовно е вклучена во овие промени и иако 42, е ИКТ училиште со седиште во Париз, сепак се соочивме со нова ситуација и поставивме средина за учење за да овозможи прогресија на учениците“, рече Крузе.

Искуството на Филип Петровски од компанијата Дата Мастерс се базира на проекти со големи компании од Португалија, Бразил и Македонија. Тој се осврна на потребата фокусот да се насочи кон развој на аналитички решенија, автоматизација на текот на информациите и изработка на решенија со предиктивни модели за различни области. 

„Мисијата на Data Masters е да создаде Data заедница која ќе биде движечка сила на напредокот. Една од нашите најцврсти заложби е да им помогнеме на компаниите да создадат кадар кој ќе одговори на идните предизвици во поглед на стратешко позиционирање на домашниот и светскиот пазар. Имајќи го предвид бројот на студенти што ги имаме обучено на нашата академија, како и проектите на кои сме активно вклучени како компанија, можам да кажам дека нашата земја има потенцијал да се носи со светски играчи во полето на Data Science и Business Intelligence“, рече Петровски.
Овогодишното издание на „Ноќта на идеите“ го овозможија Францускиот институт во Скопје и Акцелераторот УКИМ.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail