Србинка со пресадена матка роди син

poroduvanje-bebe.jpg

Триесет и осумгодишна жена на која ѝ била трансплантирана матка од нејзината сестра близначка, што е прв таков случај во светот, роди здраво машко бебе.

Новороденчето било донесено на свет со царски рез, во болницата Сент Орсола во италијанскиот град Болоња. Интервенцијата била извршена со спинална анестезија, при што мајката била свесна за време на породувањето. Бебето имало родилна тежина од 2.970 грама.

„Дејли мејл“ бележи дека според неколку извори, ова е дванаесеттото успешно породување во светот како резултат на пресадување матка, а прва трансплантација на овој репродуктивен орган помеѓу близначки.

Според „Болоња тудеј“, вадењето на матката од донорот траело 10 часа, додека пресадувањето траело пет часа. Според лекарите, ниту една од сестрите немала компликации за време на процедурата. Сестрата која била донор на матката, веќе имала три деца.

По трансплантацијата, жената патувала до Стокхолм за ин витро постапка со замрзнат ембрион добиен од нејзина јајце-клетка и семен материјал од сопругот. Неколку италијански медиуми објавиле дека мајката плачела од радост кога се породила со синот.

Напредок, надеж

Експерти посочиле дека напредокот во хируршките гранки и технологијата би можеле да донесат надеж за илјадници жени со слична состојба, со цел да ја исполнат својата желба да станат мајки.

Според информација на „Болоња тудеј“, мајката, Србинка што живее и работи во Италија, била родена без матка поради вродена малформација. Жени со таква состојба имаат јајчници што нормално функционираат и кај нив се појавуваат нормални знаци на пубертет, но немаат циклус и не се во можност да зачнат.

Се смета дека оваа состојба се јавува кај една меѓу 4.500 жени.

Трансплантацијата на матката на Србинката била изведена во март 2017 година на Универзитетската клиника во Белград, од шведски медицински тим предводен од д-р Матс Брансторм, директор на Клиниката за вонтелесно оплодување во Стокхолм и пионер во областа на пресадување матка.

При трансплантацијата на матката на жената, на шведскиот лекар му асистирале и лекари од Србија, како и лекари од Бостон. Д-р Брансторм е човекот што стои зад првото успешно породување од пресадена матка во Шведска, интервенција изведена во 2014 година, и е лекарот што стои зад осум од 12-те породувања како резултат на трансплантирана матка.

Првото породување како резултат на трансплантација на матка во САД е регистрирано во ноември 2017 година, во клиника во Далас, а зад таа успешна приказна стои лекар што бил дел од тимот за трансплантација во Шведска.

Техниката е применета и во Кина, Германија и во Турција, а оваа година и Британија се подготвува за првата трансплантација на матка во таа земја. „Болоња тудеј“ објавува дека трансплантацијата и ин витро процедурата чинат околу 50.000 евра.

Цитат Трансплантацијата на матката на Србинката била изведена во март 2017 година на Универзитетската клиника во Белград, од шведски медицински тим.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail