Старт-ап компаниите предизвикани од FIA и мобилити клубовите

unnamed.jpg

Старт-ап компаниите предизвикани од FIA и мобилити клубовите

Авто-мото Сојузот на Македонија и Бизнис Акцелераторот УКИМ ги покануваат македонските старт-ап компании да учествуваат на овогодинешниот старт-ап предизвик на Светската Автомобилистичка Федерација (FIA Region I Start-up Challenge II). Сите старт-ап компании што имаат идеја, но досега немаа можност да го пласираат својот производ или услуга, може да учествуваат на повикот до 28.02.2021 година.

„Од 1994 година досега, АМСМ е единствената членка на FIA (Светската автомобилистичка Федерација) за мобилити од нашата земја. Како членка на FIA имаме привилегија да бидеме во друштво на најголемите мобилити клубови од Европа и пошироко, можност да учиме од нивните искуства и да ги применуваме нивните најуспешни практики. Веруваме дека ова е само почеток на успешна идна соработка. Ги охрабруваме сите старт-ап компании да аплицираат и со задоволство ги очекуваме сите нови идеи кои на нас клубовите ќе ни овозможат подобри услуги, дигитализација и ќе ни помогнат да им го олесниме животот на нашите членови“, објасни Благица Станојевиќ Блажевски од Авто-мото Сојузот на Македонија.

Компаниите може да ги понудат своите идеи во следните категории: како мобилити клубовите може да ја подобрат и иновираат употребата на автомобили во иднина, како клубовите може да ги понудат најдобрите решенија за мобилност на своите членови и како мобилити клубовите може да им го олеснат животот на луѓето и надвор од нивните автомобили?

„Категориите за пријава на предизвикот ги одразуваат подрачјата во кои мобилити клубовите ги проширија своите активности во последните децении. Денес, нивните деловни активности не се поврзани само со автомобилите, туку со мобилноста генерално, дури и со услуги кои го поедноставуваат и олеснуваат животот на нивните членови“, рече Сара Камбиер од Светска Автомобилистичка Федерација Регија I на вчерашната презентација на повикот пред македонските старт-ап компании.

За Александар Стамболиев од Бизнис Акцелераторот УКИМ ова е можност да се дојде до сериозна соработка со огромен пазар, каде компаниите може да добијат поддршка во финансии и експертиза.

„Акцелераторот УКИМ се вклучи во како партнер на АМСМ со цел да обезбеди поддршка во подготовка на апликација на сите заинтересирани стартапи. Зависно од потенцијалот на пријавените апликанти на овој повик, Акцелераторот УКИМ има можност да ивестира до 30,000 евра за дизајн и развој на производот или услугата, развој на прототип, проценка на пазарот, градење на тимот и / или рано генерирање приходи. Во текот на февруари Акцелераторот УКИМ ќе обезбеди бизнис советувања и прилагодени програми за поддршка на апликантите кои ќе бидат пред-селектирани од Акцелераторот УКИМ. За таа цел на располагање се целокупното искуство и ресурси на нашите основачи, кои заедно во соработка со повеќе од 3000 професори од најстариот универзитет во Македонија, 25 ментори – успешни Mакедонци во светот и нашите меѓународни партнери, ќе Ви помогнат да го остварите својот бизнис потенцијал и да бидете селектирани во следната фаза на подддршка на Светската Автомобилистичка Федерација“, објасни Стамболиев.

Старт-ап компаниите кои ќе бидат селектирани во потесниот круг на предизвикот ќе добијат можност да се поврзат со мрежата на FIA Region I, кој преку своите 103 клубови-членки, претставува пазар од над 36 милиони потрошувачи во Европа, Блискиот Исток и Африка и да учествува на онлајн настани со избрани експерти за иновации и бизнис развој и можност за средба со маркетинг и бизнис професионалци на клубовите на водечките мобилити клубови. За време на процесот на селекција, доставените идеи се евалуираат од експертите за иновации на клубовите-членки на FIA Region I. Start-up компаниите кои ќе влезат во потесниот избор ќе работат заедно со овие експерти заради потенцијално усогласување со деловните активности на мобилити клубовите.

ГИ ОЧЕКУВАМЕ ВАШИТЕ ИДЕИ.

Лица за контакт:

Александар Стамболиев, БАУ 071/578550

operations@accelerator.ukim.mk

Благица Блажевски, АМСМ 072/214866

Што е FIA Region I Start-up Challenge?

FIA Region I, кој вклучува мобилити клубови од Европа, Блискиот Исток и Африка, годинава, повторно организира предизвик за start-up компании. Категориите за пријава на предизвикот ги одразуваат подрачјата во кои мобилити клубовите ги проширија своите активности во последните децении. Денес, нивните деловни активности не се поврзани само со автомобилите, туку со мобилноста генерално, дури и со услуги кои го поедноставуваат и олеснуваат животот на нивните членови.

Првиот start-up предизвик на FIA Region I привлече 67 апликанти од различни земји. Од нив, 12 апликанти беа во потесниот избор. Овие 12 избрани апликанти се поврзаа со повеќе од 50 експерти за бизнис развој на клубовите, преку претставувања, состаноци еден на еден, панел дискусии, дебати, тематски дискусии и слично. Тројца (3) финалисти ја претставија својата работа на Годишното генерално собрание на ФИА во Париз.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail