stranci.jpg

Во сабота, на 12 мај во 20 часот во Драмски театар премиерно ќе биде изведена претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ.

„Странци“ е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отварајки болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Се’ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас (на)прави подобри луѓе?

Што ќе се случи доколку скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решава или пак отвара нов проблем? Колку вистината за/на другиот удира директно во неговиот приватен простор, а колку задира во просторот на останатите? Дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе? Мобилните телефони се нашите „црни кутии“?! Колку овие „црни кутии“ не оттуѓуваат еден од друг?

Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимите се на Роза Трајческа – Ристовска, а композитор на музиката е Огнен Анастасовски.

Во претставата играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгичевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Гласовните фрагменти се на: Анастас Тановски, Маја Вељковиќ – Пановска, Огнен Анастасовски, Викторија Рангелова – Петровска, Ивана Павлаковиќ, Саше Ѓорѓиев, Емилија Мицевска, Никола Наумовски.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail