Струшкиот музеј годишно го посетуваат околу 12 илјади гости

struski-muzej.jpg

Природонаучниот и историски музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга во мај и во јуни бележи најголема посетеност во последните години, непосредно пред туристичката сезона, оцени директорот Сашо Цветковски.

Посетеноста, додаде тој, е континуирана и во летниот период, а оваа година првпат Музејот бил посетен и од гостите од Финска. Годишно го посетуваат околу 12 илјади гости.

„Оваа година првпат во мај и јуни имавме гости и од Финска, во периодот кога Музејот има најмногу посетители. Но, се разбира и летниот период во континуитет има посетители сè до октомври, додека трае сезоната на семинари и детски екскурзии“, изјави Цветковски.

Директорот на Музејот посочи дека странските, но и домашните посетители се заинтересирани да ја видат научната поставка, како и поставката посветена на браќата Миладиновци во нивната родна куќа.

„Станува збор за поставки, кои по својата концепција и изложените експонати, со годините не изгубиле од својата автентичност и оригиналност, напротив, сè повеќе добиваат карактеристика на историска и документарна вредност за едно време, за еден сосема друг екосистем и за една поинаква Струга“, нагласи Цветковски.

Музејот во Струга претставува современа институција во чии рамки, освен биолошкиот оддел, кој се грижи за природонаучната збирка, постои и археолошкото, етнолошкото, историското и ликовното одделение со галеријата на Вангел Коџоман.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail