Студенти од Правен во Скопје сами ќе бираат студентски правобранител, ќе го плаќаат со пари од бруцошката забава

praven-fakultet.png

Во услови кога студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје немаат легитимен студентски правобранител кој ќе прима поплаки за непочитување на нивните права, студенти од Правниот факултет решија сами да ја креираат оваа позиција.

На Фејсбук страницата на Студентската организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“ е објавен повик за неформален студентски правобранител. За извршување на позицијата во периодот 1 ноември – 31 декември на избраниот кандидат ќе му биде исплатен надоместок од 9000 денари. Средствата се собрани преку донации од бруцошката забава што се одржа на почетокот од месецов.

„Избраниот неформален студентски правобранител ќе постапува по пријава на студент или по сопствена иницијатива доколку увиди кршење на некое од првата утврдени во член 27 од Законот за високо образование или на други права на студентите. Студентскиот правобранител за својата работа ќе изготвува месечен извештај кој ќе биде јавно објавен и презентиран пред студентите“, информираат од студентската организација.

До каде се студентските избори?

Законот за високото образование предвидува формирање на студентски правобранител на секој универзитет. Ова тело ги штити законските права на студентите утврдени со актите на Универзитетот и на единиците, кога им се повредени од органите на Универзитетот и органите на единиците, како и од други лица вклучени во високообразовната дејност.

Студентскиот правобранител го избира Сенатот на универзитетот, на предлог на Универзитетското студентско собрание на претходно објавен конкурс. Но, студентите на УКИМ немаат свој претставник во Сенатот бидејќи нема ни студентски избори.

Новите избори за студентски претставници беа закочени во Собрание од каде се чекаше да бидат изгласани статутите на универзитетите. Но, и по нивното гласање, факултетите се уште немаат распишано студентски избори.

По повеќе од една година откако беше донесен новиот ЗВО, студентски избори има само на дел од факултетите на битолскиот универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО). И на штипскиот универзитет, Гоце Делчев (УГД) се уште нема абер од изборот на студентски претставници, покажаа резултатите од проектот „Студентско (ре)формирање“ кој заеднички го работат Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ) и повеќе локални организации.

Поттикнати од овој проблем, студентите на Правниот факултет на УКИМ го објавија повикот за неформален студентски правобранител, на кој заинтересираните кандидати може да се пријават преку мејлот: [email protected], испраќајќи име и презиме, година на раѓање, студиска година, студиска насока и контакт телефон.

„Процесот на избор ќе биде преку јавни интервјуа со сите кандидати, по што студентската организација ќе номинира еден од пријавените кандидати. Номинираниот кандидат ќе биде прифатен или одбиен преку гласање во големата заедничка група“, појаснуваат од студентската организација.

извор: радиомоф

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail