Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој по седми

unnamed-2.jpg

Повеќе од 50-тина учесници од Македонија, Колумбија, Португалија, Грција, Србија и Канада, денес на Факултетот за електротехника и информациски технологии говореа за енергетската ефикасност и одржливиот развој. Студентската конференција Енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР се организира по седми пат од студентите на Факултетот и ќе трае до 1-ви ноември 2019 година.

Претседателот на СКЕЕОР, Мариела Клековска, на отворање на конференцијата поентираше дека „колегите повторно ќе го разбудат критичкото, аналитичкото и иновативното размислување и ќе ја истакнат својата креативност преку презентација на своите трудови. Нашата крајна цел е да ја поттикнеме љубопитноста, дури и на оние што не се во техничките води, да ги разбудиме идеите на младите инженери а веќе искусните професори и бизнисмени се оние кои постојано се обидуваат нашите идеи да станат чекор поблиску до остварување. За сите нас мислата за краен продукт ќе биде подобра животна средина. Нека овогодинешниот СКЕЕОР биде ризница на идеи за да ја оправда довербата, поддршката и присуството овие 4 дена“.

Како дел од СКЕЕОР 2019 се одржа и работилницата World cafe со главна тема „Скопје паметен град“ (Skopje Smart City). Работилницата ја водеа ментори од ФЕИТ и ментори од индустријата.

Според професор др. Маргарита Гиновска, координатор на СКЕЕОР, ФЕИТ ја поддржува студентската конференција во организациски и финансиски поглед и голем од професорите и асистентите се вклучени како ментори на трудови, пленарни предавачи и модератори на конференцијата.

„Наша цел на Факултетот не е само да ги едуцираме студентите во областа на електротехниката и информациски технологии, туку и да ја развиваме истажувачките и научни интереси кај студентите, нивниот кретивен и иновативен дух, тимската работа и мултидисциплинарен пристап во решавање на проблемите. Идејата е да се покаже дека имаме млади, креативни луѓе полни со ентузијазам и позитивни идеи за позитивни промени на современиот свет“, рече Гиновска.

Професор др. Соња Геговска-Зајкова, продекан за настава на ФЕИТ, го потенцираше задоволството од фактот што „нашите студенти ја продолжуваат традицијата за организирање на оваа Студентска конференција, и уште повеќе што нивото на конференцијата од година во година расте, благодарение на максималната посветеност на студентите во нејзиното организирање, квалитетот на трудовите, изборот на пленарните предавачи како и социјалните активности кои се придружен дел на конференцијата“.

„Во наредните денови,  ќе бидат изложени многу теоретски и практични искуства за заштеда на енергија, заштита на животната средина и создавање услови за одржлив развој, со цел да ја направиме нашата планета подобро место за живот.  Како да ја намалиме потрошувачката на енергија, емисијата на стакленички гасови, како до зголемено производство на енергија од обновливи извори и технолошки напредок, се само некои од прашањата за кои ќе се проговори наредниве денови. Посакувам сите Вие како организатори и учесници на СКЕОР, од оваа конференција да излезете со многу нови знаења и информации, со нови идеи и проекти и идни соработки“, додаде Геговска – Зајкова.

Иван Иванов од Град Скопје рече дека енергетската ефикасност е и треба да се смета како еден од нашите најголеми национални енергетски ресурси како дел од нашето секојдневие и тоа не како избор, туку како пракса.

„Токму затоа колку побрзо се едуцираме за можностите и придобивките од енергетската ефикасност, толку подобро за сите нас, бидејќи подготвено ќе ја дочекаме енергетската транзиција. Имплементирањето на мерките за енергетска ефикасност, едновремено овозможува да се обезбедат и условите за одржливиот развој. Мерките, кои се преземаат, и ќе се преземат понатаму, сведочат за активностите на Град Скопје, кои вклучуваат и идни проекти, како што се промоција и создавање на нови сообраќајни решенија, нови видови на транспорт, нови технологии во областа на осветлувањето, реконструкција на енергетско ефикасни фасади на средните училишта, енергетско ефикасни прозорци, информации за загадувањето на животната средина и мерките за нејзино спречување“, додаде Иванов.

Овогодинешниот СКЕЕОР е посветен на 60-тиот роденден на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и на 70-тиот роденден на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-УКИМ. Целта на конференцијата е да ја подигна свеста за потребата од енергетска ефикасност и одржлив развој, особено кај студентите.

Исто така, на конференцијата присуствуваа и средношколци кои преку постер сесија презентираа разни области од енергетската ефикасност и одржливиот развој. На конференцијата присуствуваа средношколци од средните училишта СУГС ,,Раде Јовчевски-Корчагин”, СУГС ,,Георги Димитров”, СУГС ,,Орце Николов”, СУГС ,,Јосип Броз-Тито”, СУГС ,,Никола Карев”.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail