Таму каде што сите гледаат ѕид, јас гледам врата

24022017112547_web_za_web_1.jpg

Кристина Николовска е истакната македонска писателка, поетеса, есеистка и литературна критичарка. Во книжевниот свет е оригинална појава со особен авторски печат. Неодамна се закити со наградата „Димитар Митрев“ за критика и есеистика на Друштвото на писателите на Македонија за 2016 година. Покрај оваа награда, таа е добитничка и на „Млада Струга“, „Караманови средби“… Авторка е на 13 дела, меѓу кои поезија, теорија на литература, литературна критика, филозофски разговори, монографии…

Наградата на Друштвото на писателите на Македонија ја добивте за вашата најнова книга „Светлинска“. Какво е реномето на оваа еснафска награда кај нас? Ве радуваат ли наградите?
– Највисока гордост. Тоа е за мене наградата „Димитар Митрев“. Наградата ја доживувам како потврда на моите повеќегодишни заложби во литературната наука, пред сѐ во теоријата на литература, литературната критика, есеистика, херменевтика, беседништво. „Светлинска“ ја осветли Друштвото на писателите на Македонија. Се надевам дека ќе бидам достоен зрак на македонската книжевна светлина. Реномето на оваа награда е на највисоко ниво, а најголема е радоста кога таа доаѓа од фелата. Јас умеам да се радувам, имам зошто да се радувам и имам со кого да се радувам. Со најблиските, но и со недоброј познати или непознати искреници. Ова е прекрасна круна на мојот досегашен влог во литературната наука, но и огромна мотивација.

Негувате оригинален, особен, авторски настап во културниот живот. Особено сте впечатлива и импресивна како промоторка и како беседничка. Што претставуваат промоциите и беседите за вас?
– Наградата ја доживувам и како признание за жанрот беседа, кој јас го негувам и кој е моја стилема. Беседата е таа, која раскошно ни ги врати публиката и литературниот живот. Беседата е жанр што не може да живее без публика оти се храни од неа. Но и самиот жанр е духовна храна за публиката. Во таа синергија и во тој круг публиката не е пасивен објект, туку е случување, живот, доживување во кое заедно споделуваме мисли, сознанија, мудрости и чувства. Мојата појава во литературниот и во културниот живот е особена токму по ораторските настапи што се чист копнеж по древните расподи и филозофи што уметнички ја интерпретирале и филозофски ја толкувале поезијата преку жива реч. Во денешно време литературата не мора да живее само помеѓу кориците или во рафтовите, таа може да заживее и преку нас толкувачите, кои во живо споделуваме со публиката. Патот до книгата може да започне и од промоција, може да се зароди од жарот и страста на беседата, може да потече од апелот или моќната интонација на промоторот, може да ве трогне, отрезни и да ве насочи кон вистинскиот пат.

Насловот на една книга несомнено зборува многу за содржината. Зошто се решивте токму за „Светлинска“? Што претставува за вас светлината во поезијата?
– Сакав да го растолкувам ракописот на македонската книжевна и духовна светлина. Но и да ги поттикнам сите, заедно да ја растолкуваме таа светлина и да се гордееме со таа светлина, бидејќи македонската литература и култура се меѓу најдлабоките и најграндиозните. Да се гордееме со таа светлина сите заедно, да се поклониме пред неа и пред нашиот јазик, прајазик, бидејќи нашата култура е прадревна, но и жива, животворна, родилна. Преку „Светлинска“ ги поттикнувам читателите да ја осознаат и да ја пронајдат книжевната светлина. А потоа ќе ја најдат светлината и во своето срце, во својата душа. Но патот кон таа светлина е преку јазикот, речта, преку говорот, праговорот на семето, на родот свој. Род што е наполно отворен кон сите вредности на светот. Словото, јазикот, литературата и културата се наша суштина и највисока светлина. Јас сум вљубена во македонската литература. Вљубена сум и во јазикот. Фасцинирана од неговиот раскош. Како филолог, како уметник и како критичар.

Сте учествувале во суштинските процеси на Друштвото на писателите на Македонија. Како го доживувате големиот јубилеј од 70 години ДПМ?
– Јас сум дете на Друштвото на писателите на Македонија. Растев и созревав во него. Суштински сум вградена во ДПМ. И тоа во мене. Тоа е моето духовно семејство. ДПМ е златоврв. Еден од нашите златни врвови. Тоа е не само драгоцен трезор на скапоцености, туку и извор на идеи, мисли, пораки, енергии и синергии…
ДПМ е завет, аманет. Тука се портретите на нашите духовни предци великани, но тука се и современиците – тоа е духовната светлина што ме инспирира. Нашата литературна патека е златна и ние, како потомци на великаните, мора да ѝ бидеме достојни. Неа, на јазикот ни, на светлината на речта.

Во вашето дело се застапени 32 студии, критики, есеи и беседи посветени на круцијални теми од областа на литературата и на творештвото на автори како Рацин, Конески, Тодоровски, Митрев… Од строга теорија на литература дораснавте до беседништво што всушност е поезија за поезијата. Каква форма е тоа?
– Длабинското истражување на нашата современа поезија преку строгата и чиста теорија на литература, ми овозможи да растам кон литературната критика и кон уметничките зони на есејот, а потоа кон толкувањето и беседништвото. Мојата беседа всушност е поезија. Поезија за поезијата. Така ја доживувам. А и публиката и критиката така ја сфаќаат. Ригорозната и објективна наука, има право да посака да дорасне до ранг на уметност и да се изрази преку уметност. Но тука, во длабината пак има наука. Темелите се чиста и строга наука. Тоа е невидливо, суптилно и затоа на промоциите, публиката не е оптоварена.

Јавноста ве препознава и како авторка и водителка на антологискиот ТВ-серијал „Разговорница“. Ви недостига ли телевизијата?
– „Разговорница“ е ТВ-конзервација на трајните вредности на македонската култура и уметност преку филозофски разговори со творци-великани. Таа поетизирана, есеизирана филозофска „дома“ открива тајни уметнички светови преку животот на уметноста, но и уметноста на животот. „Разговорница“ има потреба да сочува драгоцено живо национално и светско културно богатство. Разговаравме – како еднаш во векот. Тие дијалози поттикнаа и полилогија со гледачите. Гледачите на „Разговорница“ посакаа да станат читатели и така настана истоимената книга. И тоа е одличен процес. ТВ-медиумот да биде преточен во книга. Телевизијата може да ги спаси од заборав големите вредности. Постојано имам понуди за нови емисии, а особено ми е драго кога гледачите ми се обраќаат и бараат нов серијал.

Ви пречи ли евидентното отсуство на ТВ-емисии од областа на културата и уметноста?
– Јас сум жедна за ТВ-емисии од културата и од уметноста, а знам дека и публиката има потреба од нив. Човек има потреба од длабоко сознание, филозофија, мудрост и уметност, и преку телевизија. Во сета трка на секојдневието, можеме да постигнеме дијалог и со ТВ-медиумот, или да поттикнеме дијалогизам во себе или со некого. Длабоко верувам во таа синергија уметност-телевизија и тоа е мој вечен предизвик. Знам дека уште многу убавини нѐ очекуваат мене и гледачите во тој домен. Оти уметност може да бидат и само неколку збора пред камера.

Ефтим Клетников по повод „Светлинска“ напиша дека вие, како и утопистите Достоевски и Шопенхауер, верувате дека убавината ќе го спаси светот. Односно уметноста… Има ли простор сѐ уште за ваков оптимизам?
– Потрагата по секој драгоцен атом светлина во мојата светлинска мисија разденува преку херменевтиката. Јас сум толкувач и тоа е среќа, јас сум доживувач и споделувач, за мене критиката, есеистиката, херменевтиката и ораторството се уметност. Тие се одамна возвишени над науката и се дораснати до уметност. Среќна и реализирана сум во овие жанрови. Тие мене, а и сите околу мене ги поведуваат кон исконската светлина. А светлината е оптимизам. Оптимизмот е спас. Спасение. И сите да гледаат ѕид, јас гледам врата. Јас сум вербеник на уметноста. Не верник, туку вербеник. За мене таа е највозвишено нешто. А човекот е врв на уметноста. Победата е секогаш светлина.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail