Технолошкиот парк ќе биде пуштен во употреба до крајот на годинава

tehnolosi-park.jpg

Сакаме да ја промовираме Македонија како место за тестирање на новите ИКТ технологии. Комбинацијата на отворени институции, капацитети за истражување и развој, висококвалификувани професионалци, финансиска и логистичка поддршка за нови иновативни компании и новата енергетска инвестициска околина, е совршена дестинација дури и за високо развиените ИКТ компании да ги тестираат своите нови технологии во Македонија, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Манчевски учествуваше на GÉANT инфо денот и на промоцијата на GÉANT како пан-Европска академска и истражувачка мрежа. Пред учесниците на настанот, најави дека Технолошкиот парк треба да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.

Според министерот, дигиталната трансформација е скап и комплексен процес за кој се неопходни инвестиции во инфраструктурата и во човечките ресурси.

– Технолошкиот парк е едео од проектите за обезбедување инфраструктурна и финансиска поддршка за иновативните активности. Владата ќе дејствува како ангелски фонд, кој ќе ги поддржи новите компании во нивните најризични фази на развој. Воспоставувањето модерен парк за наука и технологија е иницијатива која има за цел да ја зајакне конкурентноста на водечките индустрии во земјата и да го поттикне развојот на нови сектори, напомена министерот.

Технолошкиот парк е  мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија како еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите.

– Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите, информира Манчевски според кој придобивките од реализација на мерките предвидени во овие три столба се големи: поддршка на новите претпријатија, намалување на невработеноста, зајакнување на конкурентноста, ефикасност и продуктивност, поттикнување на соработка помеѓу домашни и странски компании, како и зголемување на инвестициите.

Во првиот квартал од оваа година Македонија, нагласи министерот, оствари рекордно високо ниво на странски инвестиции.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail