Трет фестивал за музички документарци „Скопје Синема Сити“ од 15-ти до 19 јуни

skopje-sinema.jpg

Од 15-ти до 19 јуни во Кинотеката на Македонија ќе се одржува третиот Филмски фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој го организира граѓанското здружение Номад-Арт во соработка со Кинотеката.

Фестивалот прикажува документарни филмови чијашто главна тема е музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција. Изминатите две изданија Фестивалот ги почнуваше со посвета на големи музички имиња како Дејвид Боуви и Леонард Коен, а на програмата беа филмови за најразлични уметници или жанрови, како Ник Кејв, Лед Цепелин, Пинк Флојд, Џој Дивижн, како и филмови од домашната продукција – за Влатко Стефановски, Културно-уметнички работници, Сеад Хаџиќ Сецко.

Оваа година Фестивалот ќе му оддаде почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чиј документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе биде отворен „Скопје Синема Сити“.

– Тоа што ќе следува во петте дена на фестивалот се музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика. На изминатите изданија Фестивалот почна соработка со британскиот национален сервис BBC, а оваа година таа соработка продолжува и понатаму, со нови филмови, а се отпочна соработка и со американскиот национален сервис PBS, се со цел за поразновидна и поквалитетна понуда, соопшти организаторот на фестивалот.
Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail