TРЕТА ГОДИНА ПО РЕД ЌЕ СЕ ОДРЖИ СТУДЕНТСКАТА ФИЛОЛОШКА КОНФЕРЕНЦИЈА ПОД НАСЛОВОТ „КАКО СИ МИ?“

TRETA-GODINA-PO-RED-KJE-SE-ODRZI-STUDENTSKATA-FILOLOSHKA-KONFERENCIJA-POD-NASLOVOT-KAKO-SI-MI-.jpg

TРЕТА ГОДИНА ПО РЕД ЌЕ СЕ ОДРЖИ СТУДЕНТСКАТА ФИЛОЛОШКА КОНФЕРЕНЦИЈА ПОД НАСЛОВОТ „КАКО СИ МИ?“

На први април со почеток во 10 часот во просториите на Филолошкиот факултет Блаже Конески веќе трета година по ред ќе се одржи студентската филолошка конференција под насловот „Како си ми?“.

Идејата е со оваа конференција да се поттикне интересот кај студентите за истражувачка работа, јавна презентација и дискусија на темите што ги интересираат за време на студиите. Со овој настан на студентите им се дава прилика да зборуваат за своите академски интереси пред колеги, професори и заинтересирани љубители на филологијата. Иницијативата која како идеја се роди во февруари 2015 година веќе прерасна во традиционален настан на кој учествуваат студенти не само од Филолошкиот, туку и други факултети од државата и од странство. По излагањата секогаш се развиваат интересни дискусии на актуелни теми од сите области на филологијата.

Оваа година пред официјалниот почеток на конференцијата ќе биде промовиран и Зборникот на излагања од досегашните конференции одржани во 2015 и 2016, а се најавува учество на седумнаесет студенти-излагачи.

Организацискиот тим на „Како си ми?“, составен од студенти на Филолошкиот факултет срдечно ги поканува сите заинтересирани да присуствуваат и да ги проследат презентациите.

Во продолжение може да ја погледнете програмата на конференцијата, а на линкот под програмата се достапни апстрактите на излагањата на сите учесници.

РАСПОРЕД:

10:00 – 10:30 – Отворање на конференцијата и промоција на зборникот на трудови од првите две конференции Како си ми? (2015 и 2016)
10:30 – 11:45 – Прва сесија излагања

1. Исток Улчар – Трите македонски препева на Гинзберговиот „Виј“
2. Мартина Јанеска – „Хаклбери Фин“ – расистичка или не?
3. Александра Лазороска и Ајнур Касо – Пророчките способности на детските ликови во „Девет приказни“ на Џ. Д. Селинџер
4. Фросина Крушкаровска – Женското тело во „Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд
5. Моника Стојановска – Одново раѓање преку пишувањето: Женското писмо во романот „Жена“ од Сибила Алерамо

11:45 – 12:00 – Пауза
12:00 – 13:00 – Втора сесија излагања

1. Христина Видевска и Елена Стојковска – Јазичното влијание од српскиот јазик во лексиката и синтаксата на македонскиот јазик
2. Мимоза Целевска – Перцепцијата и трансфонемизацијата на англискиот вокал /ə/ од страна на македонските изучувачи на англискиот јазик
3. Александра Стеваноска – Дали модерната технологија може да го замени живиот преведувач?
4. Лилјана Белакапоска – Очекувани проблеми со планирањето на наставата при првото вработување на студентите по англиски јазик

13:00 – 14:00 – Пауза за ручек
14:00 – 14:45 – Трета сесија излагања

1. Методи Ефремов – Употребата на „извини“- теоретски и практични употреби во секојдневната јазична комуникација
2. Ангел Димитриевски – Употреба на креативни зборовни конструкции во медиумите како чекор кон инклузија на лицата со попреченост
3. Дејан Пејовски – Неколку збора за електротехниката во разговорниот јазик

14:45 – 15:00 – Пауза
15:00 – 16:00 – Четврта сесија излагања

1. Викторија Блажеска – Erlkönig: царот на вилите од Гете до Рамштајн
2. Марија Воданова и Марија Ангеловска – Метаморфозата на Шекспир во музика и филм
3. Мања Величковска – Уметничките постапки и очудената семантика на домот во поезијата на Методиј Златанов („Tenebrae“, 2016) и Лидија Димковска („Црно на бело“, 2016)
4. Ведран Диздаревиќ – Теоријата на романот во есеистиката на Милан Кундера

16:00 – 16:15 – Затворање на конференцијата

Линк до целосната програма со сите апстракти:
https://issuu.com/kakosimi.flf/

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail