Трибина за претприемачкото образование во МАНУ

manuuuuuuuuuuuuuu.jpg

Претприемништвото да биде вклучено во целиот систем на образование, а државата да го поттикне неговиот развој. Ова е заклучокот на денешната научна трибина на тема „Претприемачкото образование во Република Македонија – проблеми и предизвици“, во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Центарот за развој на иновации и претприемачко учење.

Академикот и раководител на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ Владо Камбовски нагласи дека претприемачкото образование треба да биде вклучено во целиот систем на образование, од почеток на основното па  до универзитетите зашто, како што рече, го изразува духот на новото време.

Тој потенцира дека образованието во целина, науката, технолошкиот и иновацискиот развој треба да биде најзначајниот проект за идниот развој на Република Македонија.

Претседателот на МАНУ Таки Фити посочи дека темата е извонредно значајна и многу актуелна.
– Денес треба да разговараме за новиот концепт за претприемачко образование во Република Македонија. Да се осмисли таков концепт за континуирано претприемачко образование кое почнува од основното образование, а завршуава со четврта година во средното и продолжува понатаму во високото образование воопшто не е едноставна работа. Концептот е подготвен со финансиска поддршка на канцеларијата на Светска банка во Република Македонија, со инволвирање на домашни и странски експерти, рече Фити.

Онака како што се формулирани наставните содржини, како што рече, тие се прилично комплексни и не знам колку и како можат децата од деветто одделение да навлезат во материјата. Тоа, според него, ќе биде голем проблем за наставниците.

– Како се оди кон повисоките години во рамки на средното образование, проблемите намалуваат и во трета и четврта година не гледам таков тип на проблеми, рече Фити.

Тој нагласи дека наставниците, од основното и средното образование, мора да направат посебен креативен напор.

– Мора овој предмет да се предава како приказна, на едноставен начин со определно задржување на стручноста бидејќи ќе се изгуби профилот на самиот предмет или самата наставна дисциплина што се вика претприемништво. Мора да се предава низ игри, вежби, забава, да се измислуваат илјада работи за таа материја на еден или друг начин да стане достапна за младата популација, рече Фити.

Книгите, како што рече, можат да бидат корисни пред се за наставниците, но моја сугестија до авторите, бидејќи се први верзии, да направат дополнителен напор тоа да се упрости. Тој предложи во иднина кога ќе се изработуваат учебниците задолжително како автори или коавтори да бидат вклучени професори кои го предаваат овој предмет во основно и во средно образование.

Дописниот член на МАНУ Изет Зеќири се осврна на претприемништвото во високото образование. Според него, државата, институциите и образованието имаат потреба од претприемништвото.

– Претприемништвото овозможува креирање претприемачки дух, претприемачки начин на размислување и поставување, иновативно размислување и преземање ризици. Претприемачкото образование ќе придонесува за намалување на невработеноста меѓу младите преку отворање нови работни места, намалување на сиромаштијата и социјална вклученост во Република Македонија, зголемување на економскиот раст и вработеноста како предуслов за пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар квалитет на живот, рече  Зеќири.

На трибината присуствуваа  академици, професори и претставници на бизнис секторот.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail