Туристичка тура – По патот на Достоевски

tur-Dostojev.jpg

Градот од сказните, што неодамна беше прогласен за најдобра културна дестинација на светот според изборот на порталот World Travel Awards, е во знакот на славниот писател Фјодор Михаилович Достоевски. Во Санкт Петербург, на денот на неговото раѓање – 11 ноември, е голем празник. И првиот викенд во јуни во северната руска престолнина е посветен на овој гениј на човечката драма. Тогаш на Невскиот проспект можат да се видат најдобрите актери облечени како Раскољников, Иван Павлович или Алексеј Иванович, како ги изведуваат своите перфоманси.

Доетоевски е роден во Москва, каде го поминал и своето детство, но во 1837 година станал жител на Санкт Петербург, затоа што татко му, заедно со брат му, го испратил на студии за да стане инженер, на институтот што се наоѓал во дворецот Михајловски. Меѓутоа, Фјодор ја презирал математиката, а го обожувал Балзак.

Наредните години писателот живеел во повеќе од 20 станови, па затоа и градот станал „најважниот лик“ во неговите книги. Секој агол таму потсетува на Достоевски, па и Петропавловската тврдина, каде што ја чекал смртната пресуда заради заговор со Петрашевски, но на крајот бидува протеран во Сибир.

Прошетката „во друштво“ со Достоевски може да почне од кое било место во Санкт Петербург, но првата негова адреса била „Владимирски поспект бр. 11“, каде живеел од 1842 до 1845 година. Секогаш барал станови во куќи со поглед на црква. Таму прозорецот гледал на улицата „Графски“. Кога братот Андреј заминал да живее со својот пријател, докторот Алексеј Ризенкампф кој лекувал сиромашни луѓе, Фјодор низ  разговорите со него запознал целосно  поинаков, преубав град.  И ја напишал книгата „Бедни луѓе“.

Делото „Браќата Карамазови“ ја напишал во станот на аголот од улиците „Кузњецки“ и (денешна) „Достоевски“. Тука живеел до својата смрт, на 28 јануари 1881 година, а овде може да се посети и музејот во кој се наоѓаат спомените на неговата сопруга Ана.

Во Московската улица, кај метрото на станицата Владимирска, во 1997 година бил подигнат споменик на славниот писател, кој гледа кон црква. Токму на ова место тој ги спознал безнадежноста, очајот и алкохолизмот, бидејќи во негово време, тука се наоѓале пазари, валкани дворови, се ширела миризба на сиромаштија, алкохол и беда. На тоа место Раскољников чул дека извесна личност, следниот ден во седум часот, ќе биде сама во својот стан, и ја добил идејата да направи злосторство. Книгата ја напишал во рекорден рок и од истата заработил 3.000 рубљи.

Спротивно од станицата на метрото се наоѓа убавата жолта зграда на Гардата во која Фјодор поминал два дена во затвор заради кршење на цензурата. Во тоа време ја читал книгата „Клетници“ од Виктор Иго.

Младиот 23-годишен студент, висок, многу згоден и исклучително сиромашен, Виктор Романович Раскољников, имал само еден пар чорапи и живеел во „Столарската“ улица. Од станот на вториот кат, во едно топло утро во јули, излегол и тргнал кон мостот Кокрушки. Сто метри понатаму, на зградата „Кузњецки“ бр. 7, се наоѓа меморијална плоча, затоа што од тоа место Достоевски го „набљудувал“ злосторството. Во станот на Раскољников не може да се влезе и да се види собата во која тапетите „се одлепуваат“ и се слуша вревата од 22 околни крчми, но можат да се поминат тие фамозни 730 чекори до станот на старицата.

Имено, Раскољников бил висок, па чекорите би требало да се помножат со два, да се помине мостот Вознесењски, да се тргне низ Грибоедовиот канал, да се помине покрај бројот 67 (каде се наоѓа полициската станица), потоа покрај бројот 73 (каде живеела Соња Мармеладова) и да  се стигне до бројот 104 (каде живеела старицата). Тука Раскољников бил трипати, и тука го направил злосторството.

На метро станицата Владимирска може за пристојна цена да купите роза или каранфил, а потоа да влезете во возот на портокаловата линија и да се симнете после три станици.

Така се стигнува до манастирот Александар Невски, каде се наоѓаат гробиштата Тихвински, почивалиште на многу значајни личности: Чајковски, Мусоргски, Рубинштајн, Римски-Корсаков, Глинка, и се разбира – Фјодор Михаилович Достоевски. На неговиот погреб присуствувале дури 40.000 луѓе.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail