УАКС е прворангиран приватен универзитет на Шангајската листа за оваа година!

UACSz-1024x681.jpg

Интервју со д-р Марјан Петрески, проректор за научно-истражувачка работа на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Разговараме за напредокот на Универзитетот на познатата Шангајска листа на универзитети, како и за начините на кои студентите на УАКС се стекнуваат со вештини, клучни за доаѓање до посакуваното работно место

 

– Пред неколку недели е објавено најновото рангирање на универзитетите според Шангај. Што покажа истото? Колкав напредок има постигнато Универзитетот Американ Колеџ Скопје?

Универзитетот Американ Колеџ Скопје е прворангиран приватен универзитет од Македонија и се позиционираше на високото петто место помеѓу сите универзитети, што претставува напредок за едно место во однос на претходното рангирање. Оваа позиција е резултат на тоа што ние во УАКС сме во процес на постојано реформирање, инвестирање во квалитетот на наставно-научниот процес и постојано прилагодување на наставниот процес со потребите на пазарот на трудот. Во тој поглед, значаен ветер во грб обезбедува Американската акредитација од страна на Акредитацискиот совет за бизнис школи и програми (ACBSP), според која универзитетот го изведува наставниот процес според американски стандарди.
Да ги запознаам или потсетам вашите читатели дека УАКС е единствениот универзитет во Југоисточна Европа кој има ваква акредитација. Во делот на истражувачката работа, Шангајското рангирање е признание за напорот да го етаблираме универзитетот како teach and research”, за разлика од еден пристап којшто влече корени уште од поранешна Југославија, според кој универзитетите главно се занимаваа со наставна дејност. Нашите наставници публикуваат трудови во списанија со импакт фактор, соработуваат на трудови и проекти со познати светски универзитети, и за сето тоа се наградени со повеќе меѓународни награди. На крајот, но не и најмалку важна е нашата работа на полето на поврзување на универзитетот со бизнис секторот, со цел да помогнеме во понудување решенија за практични проблеми со кои се соочуваат фирмите, од областите на бизнис процесите, менаџментот, маркетингот, правото, информатичките услуги и слично. Работата во трите столба му го донесе ова место на УАКС на Шангајската листа.

– Зошто ова рангирање е важно? Каква информација истото им дава на студентите и идните студенти на универзитетите? Од друга страна, зошто тоа е важно за самите универзитети?

Шангајското рангирање им овозможува вредна информација на идните и сегашните студенти за квалитетот на средината во која тие студираат или сакаат да студираат. Освен што рангирањето го мери квантитетот, според кој поголемите универзитети имаат поголеми шанси да бидат повисоко рангирани, сепак тоа зафаќа еден мошне важен квалитативен аспект, кој отприлика може да се изрази вака: „ако јас се запишам на овој универзитет, тогаш ќе се стекнам со вештини, а не само со диплома“, а тие вештини се пресудни за пазарот на труд, вработувањето и заработувачката. За самите универзитети, пак, важноста се согледува преку можноста за споредување на нивните перформанси во поддомените на Шангајското рангирање и поттикнување конкуренција и натпревар за подобрување. Низ таков процес на внатрешно реформирање, тие ќе станат подобри места за стекнување знаење, и со тоа ќе придонесат целокупниот високообразовен систем да напредува.

– Кои се клучните индикатори по кои се рангираат универзитетите според Шангај? Дали истите се пропорционално поврзани со квалитетот на наставата и квалитетот на кадрите кои излегуваат од универзитетите?

Фокусот на Шангајското рангирање е квалитетот на наставниот процес  изразен, на пример, преку следните индикатори: број на наставници кои престојувале на странски универзитет во подолг период, број на публикувани трудови во списание со фактор на влијание, број на патенти продуцирани од наставниот кадар, висината на приход генериран од истражувачки активности, бројот на студенти кои извеле семестрален престој на странски универзитет, број на странски наставници кои предаваат на универзитетот и сл. УАКС е добро познат по тоа што е домаќин на повеќемина странски наставници кои редовно одржуваат настава на универзитетот, особено на магистерските и МБА студиите. Нашите студенти пројавуваат континуиран интерес за студентска размена и поминување на барем еден семестар во странство преку програмата Еразмус+. Нашите домашни професори имаат силна меѓународна етаблираност: повеќемина од нив биле дел од програми како Фулбрајт, и оствариле студиски престои на многу универзитети од Европа, САД и Јапонија. Моментално, за периодот 2010-2016, на престижниот Web of Science наставниците публикувале над 40 труда, итн.

Оттука, вака-квалификуваниот наставен кадар, заедно со атмосферата на УАКС која го вреднува секој наш студент и му овозможува да ги идентификува и израсне своите таленти, претставуваат основата за високото рангирање на шангајската листа.

– Една од препознатливите карактеристики на УАКС е начинот на кој се изведува наставата и вештините кои се поттикнуваат. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу ова? Како го надминувате јазот помеѓу она што како кадар го бара бизнис секторот и она што се нуди на пазарот? Колкав е процентот на вработливост на вашите студенти по дипломирањето?

На УАКС, фаворизираме систем во којшто студентите учат конкретни вештини, наместо апстрактни и главно-неприменливи знаења. Ние сакаме јазот помеѓу она што студентите го носат како научено знаење и она што работното место го бара од нив, да биде што е можно помал и идеално да не постои. И, во тоа значајно успеваме. Прво, како што споменав погоре, самата настава е така поставена што поттикнува критичко размислување, работа со реални бројки и студии на случај, посета на компании и институции кадешто директно може да се учествува во бизнис опкружувањето, практична работа и сл. Ќе споменам неколку конкретни примери. Благодарение на Американската акредитација, целокупната настава се базира на т.н. participant-centered learning метод, според кој наставникот е само поттикнувач и олеснувач на процесот на учење, а главниот збор во училницата го има студентот.

Повеќето од наставниците на УАКС се обучени за работа според методот „студија на случај“ од Универзитетот во Харвард. Нашата библиотека редовно ги набавува најновите студии на случај кои наставниците ги интегрираат во своите модули. Потоа, УАКС има деловен совет којшто го сочинуваат голем број признати и познати луѓе од бизнис светот. Тие често учествуваат во наставата како гости-предавачи, а на крајот од студирањето овозможуваат и врска на нашите студенти со компаниите во кои тие се вработуваат. Во таа смисла, вработливоста на студентите е мошне висока. Ако се изземат оние студенти кои го продолжуваат студирањето на магистерските и МБА студиите, тогаш вработливоста на студентите е и над 90%.

UACSz
Ве чекаме на УАКС!

Новина кај Вас се и докторските студии кои започнаа минатата есен. Што е специфично за нив?

Докторските студии за првпат се понудија на УАКС есента 2016, но поголемата новина е дека тие се нудат по нов, целосно структуиран модел на студирање, во три области: економија, бизнис администрација (ДБА) и право. Во тој модел студентот поминува низ повеќе фази од научното истражување, почнувајќи од методолошка и тематска обука, подготовка на проектен предлог, учество на меѓународна конференција, меѓународен истражувачки престој, публикација во меѓународно списание и на крајот, одбрана на докторскиот труд. Ваков концепт за првпат во Македонија, барем во сферата на општествените науки, понуди УАКС.

И на докторското ниво го задржуваме истиот пристап, со фокус врз студентите, со практична примена на знаењата и со поттикнување придонес кон научната мисла наместо пишување долги и досадни четива кои на крајот никој ниту ги чита ниту пак ги користи на било кој начин. Ние сакаме докторантите да истражуваат некој важен општествен проблем, за кој низ научни методи ќе дојдат до препораки за носителите на политиките, кои се разбира ако се применат, ќе креираат подобро општество и повисок животен стандард.

извор: inovativnost.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail