Учењето нови работи штити од тешка ментална болест

demencija.jpg

Учењето нови работи, здравата исхрана, откажувањето на цигарите, спречувањето на оштетувањата на слухот и намалувањето на осаменоста можат да го намалат бројот на случаи со деменција за една третина, соопштуваат здравствените експерти.
Истражувачите во обемна анализа на факторите за ризик кои стојат зад деменцијата, издвоиле девет од нив како исклучително важни.

Меѓу нив се отсуството на образовните активности по 15-тата година, високиот крвен притисок, дебелината и губењето на слухот во средните години, пушењето, депресијата, физичката неактивност, социјалната изолација и дијабетесот во постарото доба. Доколку овие фактори целосно се елиминираат, може да се спречи секој трет случај на деменција во светот, наведуваат експертите.

„Иако дијагнозата на деменција се поставува во подоцнежниот животен период, промените во мозокот обично почнуваат да се случуваат многу порано” – вели Џил Ливингстон, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и една од 24-те меѓународни експерти кои извршиле анализи за медицинското списание „Лансет”.
Таа додава дека „поширокиот пристап за превенција на деменцијата, како одраз на овие променливи фактори на ризик, ќе донесе корист на сите постари општества и ќе помогне да го спречи растот на бројот на случаи со деменција”.

Според најновите проценки на Меѓународното здружение за борба против Алцхајмер, во светот со деменција живеат околу 47 милиони луѓе, а трошоците за лечење на оваа болест веќе достигнаа 818 милијарди долари годишно.

Деменцијата ја предизвикуваат болести на мозокот, а најпозната е Алцхајмеровата болест. Нивниот резултат е изумирање на нервните ќелии и влошување на способноста за помнење, размислување, навигациска и просторна ориентација, а се случуваат и пореметувања во однесувањето и способноста да се водат секојдневните активности.

Светската здравствена организација очекува дека до 2050. година во светот ќе има 131 милион луѓе кои ќе патат од деменција, што е три пати повеќе од денес.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail