УГД: Промовиран прирачник за наставници

3.jpg

Во просториите на Факултетот за образовни науки денес беше промовиран Прирачникот за традиционални и современи игри „Играв јас, сега играј и ти“.

– Издавачката куќа „Просветно дело“ заедно со Факултетот за образовни науки при УГД направи заеднички проект и го издадовме овој прирачник. Ова издание претставува соединување на теоријата и праксата – изјави Ксенија Трајчева, одговорен уредник во Детската редакција на „Просветно дело“.

Прирачникот е дело на професорката Снежана Мирасчиева од Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и на педагогот Елизабета Симоновска од Детската градинка „Астибо“ во Штип.

– Овој прирачник настана како резултат на долгогодишната соработка меѓу ФОН и детсктите градинки, во овој случај Детската градинка „Астибо“ во Штип. Направивме спој меѓу теоријата и практиката со цел да се спротивставиме на заборавот и нашите традиционални игри да ги ставиме во функција на воспитување на младата детска личност – изјави проф. д-р Снежана Мирасчиева, една од авторките на прирачникот.

Авторките велат дека овој прирачник ќе биде наменет за сите наставници и воспитувачи во предучилишна возраст.

– Прирачникот содржи игри кои се наменети за правилен раст и развој на дечињата. Има игри за развојот на телото со подвижни игри, но и за развојот на говорот и збогатување на нивниот вокабулар – изјави авторката Елизабета Симоновска.

Промоторката на прирачникот изјави дека ова дело има огромна едукативна вредност и дека ова ќе биде значајно за сегашните, но и за идните генерации.

– Ова ни овозможува да ја зачуваме традиционалната игра и да се исклучиме од дигиталниот свет и децата да се препуштат на детското во нив. Се надевам дека со оваа книга децата ќе ги играат игрите што ги играле нашите предци – изјави проф. д-р Снежана Јованова-Митковска од Факултетот за образовни науки.

Прирачникот денес предизвика огромен интерес кај наставниците во детските градинки во Штип.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail