УГД учествуваше на Европски форум за обезбедување на квалитет во високото образование

UGD-uchestvuvashe-na-Evropski-forum-za-obezbeduvanje-na-kvalitet-vo-visokoto-obrazovanie.jpg

УГД учествуваше на Европски форум за обезбедување на квалитет во високото образование

Од 10 до 13 ноември 2020 година, во организација на E4 групацијата (ENQA, EUA, EURASHE и ESU) се одржа виртуелен Европски форум за обезбедување на квалитет во високото образование (European Quality Assurance Forum, EQAF).

По покана на Европската асоцијација на универзитети (ЕUA), како претставник на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип учествуваше проф. д-р Ленче Милошева од Факултетот за медицинска науки.

Главна тема на форумот беше „Флексибилноста на високото образование: импликации за обезбедување на квалитет“. Настанот понуди интересна и современа комбинација на онлaјн сесии, вебинари за европските политики и трендови, истражувања и практични примери на успешни приказни поврзани со главната тема на форумот и генерално за современите развојни тенденции во обезбедувањето на квалитет.

Во претфорумскиот дел, на 10 ноември 2020 година, беше одржана сесија посветена на претставувањето на Европската рамка за обезбедување на квалитет во европското високо образование. На 11 ноември се одржа состанокот на студентите експерти за обезбедување на квалитет.

Форумскиот дел започна официјално на 12 ноември 2020 година, со прв дел сесии посветени на флексибилното високо образование. Преку претставување на успешни приказни од европските универзитети беше прикажана состојбата со обезбедување на квалитет, како и идните перспективи во однос на флексибилното високо образование. Клучните теми беа како високообразовните системи би требало да одговараат на брзите трансформации и како високообразовните институции најдобро да се подготват да се соочат и да ги имплементираат промените. Вториот дел од сесиите беше посветен на внатрешното обезбедување на квалитет во вонредни ситуации и беа презентирани примери на внатрешно обезбедување на квалитет во академската заедница за време на ковид-19 кризата. Во третиот дел од сесиите фокусот на презентациите и дискусиите се однесуваше на надворешното обезбедување на квалитет во вонредни ситуации. Три европски агенции за обезбедување на квалитет ги презентираа своите приоди кон кризата, како и научените искуства.
На 13 ноември форумот продолжи со четвртиот дел од сесиите со фокус на миниквалификациите и искуствата од одредени области и отворените образовни ресурси и петтиот дел од сесиите кои се однесуваа на вклученоста и ангажманот на студентите во креирање на култура на квалитет. Шестата, завршна сесија се однесуваше на улогата на обезбедување на квалитет во обликување на промените.

Одговарајќи на тековните општествени промени, високообразовните институции во Европа станаа повеќе инклузивни и приспособени на  различната студентска популација. Дополнително, како дел од придвижувањето кон студентот, од институциите се очекува да одберат чекори, место и начин на испорака. Ваквите современи трендови водат кон појава на пофлексибилни патеки на учење и образование и чекори понапред во однос на традиционалното учење.

Петнаесеттото издание на Европскиот форум за обезбедување на квалитет во високото образование истражуваше дали обезбедувањето на квалитетот се вклопува во оваа динамичка и флексибилна околина и како подобро да ги поддржи високообразовните институции во транзиција и да ги охрабри да постигнат поголем дел од понуденото. На овој настан, Европскиот форум за обезбедување на квалитет понуди платформа за дискусија, професионален развој и размена на искуства помеѓу главните поддржувачи во обезбедување на квалитетот.

Извор: УГД

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail