Во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп поставена е традиционалната изложба „Уметниците во чест на Св. Никола“, како дел од одбележувањето на празникот Св. Никола. На изложбата се презентирани 30 икони од двајца уметници – Билјана Бинчев од Прилеп и Ванчо Димоски од Охрид со што уметниците ја пренесуваат македонската традиција за иконопис.
Билјана Бинчев е член на ДЛУП, ДЛУБ и ДЛУМ и еден од основачите на ликовната колонија „Кратискара“ во Кратово. Во 2005 година дипломира на Педагошкиот факултет во Битола, а во 2014 година и на ФЛУ во Скопје, педагошки оддел со сликарство во класата на проф. Јован Шумковски. Имала неколку самостојни а била дел од повеќе групни изложби и учествувала на ликовни колонии, меѓу кои и на колонијата „Дрен“. Моментно е на постдипломски студии на Универзитетот „Ноефит Рилски“ во Благоевград, Бугарија.
Ванчо Димоски е дипломиран сликар со реставрација и конзервација. Од 1998 година вработен е како овластен конзерватор на ѕидно сликарство, икони и мозаик во НУ Завод и Музеј – Охрид. Работи на конзервација и раслојување на ѕидно сликарство и на масла на платна, како и на превентивна заштита на икони и мозаици. Реконструирал повеќе дрвени предмети, конзервирал и реставрирал икони, живопис во цркви. Реализирал повеќе самостојни и групни изложби, учествувал и на повеќе ликовни колонии, ликовни семинари, а добитник е на сертификат од специјализација Клагенфурт – Австрија.
Изложбата „Уметниците во чест на Св. Никола“ ја реализираат ЦК „Марко Цепенков“ и Општина Прилеп.