Уметноста може да го смени менталитетот

07032017171643_main_miral_13.jpg

Арапската актерка Хиам Абаз прашува каде оди Америка. Колку долго можете да ги затворите вратите и да се чувствувате сигурни, кога вистинската убавина на животот е во тоа да се измешаат културите?

Хиам Абаз е една од најмаркантните и најособени арапски актерки, која направи неверојатна меѓународна кариера и редовно игра кај големите холивудски, но и независни режисери. Но она што е уште поинтересно, е што игра истовремено и кај некои од најдобрите израелски и палестински автори и многумина често ја нарекуваат израелска, како и палестинска актерка. Инаку, Хиам Абаз е родена во 1960 година во муслиманско семејство во Назарет, Израел, а има палестинско потекло.

Надарена, енергична, сугестивна, емотивна, со исклучителна моќ за трансформација, Хиам Абаз каква улога и да има не може да остане незабележана. Досега има остварено осумдесетина улоги, а последните петнаесет години се појавува и како режисерка на кратки филмови и на долгометражниот „Наследство“. Ја паметиме од филмот на Стивен Спилберг „Минхен“, кај Џим Џармуш, пак, играше возач во „Граници на контролата“, ја гледавме во „Посетител“ на Том Мекарти, во палестинскиот „Рај сега“ на Хани Абу Асад номиниран за „оскар“, потоа во „Слободна зона“ на големиот израелски режисер Амос Гитаи, како и во „Прогонување“ на Патрис Шеро.

Двапати беше номинирана за Европската филмска награда и тоа и двата пати во филмовите на израелскиот режисер Еран Риклис, „Сириска невеста“ и „Дрво од лимон“. Ридли Скот ја ангажираше во „Егзодус“, додека кај независниот уметник Џулијан Шнабел се појави во „Мирал“, а како Фатима беше дел од „женската екипа“ во „Извор“ на Раду Михалеану, кој беше во конкуренција во Кан. Во 2017 година, пак, ќе ја видиме во очекуваното продолжение на „Блејд ранер 2049“, кое го режира Денис Вилнев.
Но и покрај сето тоа, Хиам Абаз е неверојатно едноставна и годинава во Берлин, каде што играше во два филма, на разговорите по проекциите си доаѓаше во фармерки и џемпер и со рацете во џебови, но беше полна со страст, енергија и желба да зборува за своите проекти. Бидејќи, очигледно таа ги работи затоа што сака нешто да каже и да порача, затоа што чувствува потреба да помогне и да ја натера публиката да сфати…

На годинашното Берлинале можевме да ја видиме во провокативниот француско-туниски филм „Странец“ на Ража Амари, вклучен во програмата „Форум“ и во „Инсирејтед“ на Филип ван Леу направен во белгиско-француско-либанска копродукција од програмата „Панорама“, во која и ја доби наградата на публиката. За овој уникатен филм, чие дејство се одвива во стан во Дамаск во текот на само еден ден, пишувавме во неколку наврати. Овде само да потсетиме дека тоа е филм за едно семејство што се обидува да преживее во својот дом, додека надвор се разгорува граѓанската војна. Тоа е филм што остава без здив и за кој во Берлин гласаа 29.000 гледачи. Во разговорот со Хиам Абаз по филмот таа ја истакна својата надеж дека овој филм би можел да придонесе луѓето многу повеќе да го разберат сирискиот народ и кај нив да изнуди емпатија.

Како што рече, затоа и прифатила да игра во овој филм, во слободен превод „Беше еднаш во Сирија“, бидејќи тој се базира на реални животни приказни на луѓето, кои сакале или не, се дел од таа бесмислена војна. Таа рече дека слушаме многу за Сирија и за граѓанската војна, но никогаш не и за индивидуалните човечки приказни со кои би можеле да се поврземе. Токму поради тоа и не можела да рече не за овој филм, затоа што тој им ја нуди таа ретка можност на луѓето, да се идентификуваат со обичните луѓе во оваа земја, кои се обидуваат и понатаму да ги живеат своите животи.
– Конфликтот е надвор, некои од луѓето се инволвирани во него, некои не се. Таква е и реалната ситуација во Сирија. Ние не знаеме кој на која страна ѝ припаѓа, но во земјата живее обичен народ што сака да ја задржи заедно својата фамилија, кој сака да ги заштити своите деца – зборуваше Абаз.

Интересно е што тоа е приказна што се одвива од едно утро до друго, во текот на кое ќе се случат толку многу работи. Како што рече таа, филмот на тој начин ви дава идеја што значи да живееш еден ден во оваа војна. А таа трае со години.
– Би сакала да направам нешто убаво, да спакувам и да испратам дивиди-копии на „Беше еднаш во Сирија“ на некои моќни луѓе насекаде во светот, да можат да разберат и да се идентификуваат со Сиријците. Знаете, луѓето имаат кратка меморија, сѐ додека се сигурни таму каде што се, тие се склони да заборават и се чини не се грижат за другите – истакна Абаз многу емотивно.

Прашана за тоа како се чувствува поради забраната на Трамп за влез во САД, таа изненади со својот одговор.
– Се разбира дека декретот на Трамп им ги направи животите на овие луѓе потешки. Но, не мислам дека први жртви на тоа се Сиријците, туку Американците. Моето мислење е дека таквиот изолационизам е најпогубен за Американците. Запрашајте се каде оди Америка? Колку долго можете да ги затворите вратите и да се чувствувате сигурни, кога вистинската убавина на животот е во тоа да се измешаат културите? – вели таа.

Нејзината перцепција, како што објаснува, е дека по големата катастрофа на 9/11 во Њујорк била зголемена свесноста во САД во врска со тоа колку шематизирано во холивудските филмови секогаш биле портретирани Арапите, како терористи или како зли духови. Таа смета дека тоа придонело некои режисери да ги портретираат Арапите на поразличен начин. А на прашањето за тоа дали ваквата клима сега во САД ќе се одрази на арапските уметници во Америка, но и надвор од неа, Хиам Абаз вели дека сега е време кога треба да мислиме за улогата на уметноста и за тоа колку уметноста може да направи за да го смени менталитетот.

– И иако Трамп може да ги направи работите потешки за арапските уметници во САД, во исто време мислам дека сето ова ќе им даде повеќе сила и храброст за да продолжат понатаму и да ги остварат своите цели – вели Хиам Абаз, која на крајот доби огромен аплауз и навистина беше задоволство да се слушнат нејзините одговори и нејзината верба во уметноста и покрај сѐ.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail