Ohrid-1-e1520889034355.jpg

Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО) во последниот нацрт-извештај пред одржувањето на 43-тата сесија на Комитетот за културно наследство што ќе се одржи од 30 јуни до 10 јули во Баку, Азербејџан, препорачува природното и културното наследство на Охридскиот регион да биде ставено на листата со загрозени светски наследства.

Барањето на организацијата доаѓа бидејќи властите не успеале да ги исполнат приоритетните препораки во зададената двегодишна рамка. Во извештајот се напоменува дека најголем дел од барањата на Комитетот од 2017 година останале неисполнети.

Меѓу проблемите кои се наведуваат дека ги има во охридскиот регион се несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Притоа, во извештајот се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се финализирани и усвоени, но и додека не се утврдат ефективни заштитни прописи и механизми за контрола.

За регионот и понатаму да го задржи статусот заштитено подрачје од УНЕСКО бараат имплементирање на сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година. Од државата бараат да состави предлог за отстранување на подрачјето од листата со загрозено светско наследство, како и сет корективни мерки и временска рамка до кога треба да се имплементираат, кои ќе бидат разгледани на конференцијата на организацијата идната година.

Понатаму, УНЕСКО бара државата да достави дополнет и ажуриран извештај за состојбата со конервацијата. Тој извештај ќе биде разгледан на наредната 44-та сесија во 2020 година, а Македонија треба да го достави извештајот до 1 февруари 2020 година.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail