Уништен единствениот метал што можеше да го промени животот на Земјата

metallic-hydrogen.jpg

Физичарите од универзитетот Харвард велат дека првото парче метален водород на Земјата е уништено откако се распрснал дијамантот во кој се чувало под огромен притисок, вели Индипендент.

Металниот водород што наводно го создале физичарите од Харвард исчезнал. Според една теорија, тоа било единственото парче метал што можело целосно да го промени животот на Земјата, како суперспроводник што би можел драстично да подобри сè што е поврзано со електричната енергија. Така би можеле да создадеме побрзи компјутери, нова генерација суперефикасни електрични возила и да заштедиме огромни количества енергија што сега се трошат за пренос на енергијата.

Металот, исто така, би можело да се користи за да се произведе посилен тип ракетно гориво, што би му овозможило на човечкиот род да го истражува Сончевиот систем како никогаш досега.

Минијатурниот примерок бил чуван меѓу два мали дијаманти под притисок поголем од оној во центарот на планетата и на температура блиску до апсолутна нула, за научниците да можат да ги проучуваат својствата на новиот метал.

Меѓутоа, при обид да се измери притисокот со ласер се случила катастрофална грешка и еден од дијамантите бил здробен во ситен прав.

Професорот Исак Силвера, главен истражувач во проектот, открива дека примерокот исчезнал во овој катастрофален инцидент.

„Никогаш не сум видел дијамант така да се уништи. Имаше толку многу прав на површината што изгледаше како сода бикарбона“, рече тој. „Не верував дека тоа е дијамантот, беше толку ситен прав.“

Во остатоците не можело да се најдат докази за металниот водород, за што постојат неколку можни објаснувања.

Некои физичари веруваат дека примерокот од металот воопшто не бил создаден. Силвера го негира ова тврдење: „Примерокот е некаде во остатоците или не е стабилен, па се претворил во гас.“

Тој се надева дека во следните неколку недели ќе успеат повторно да го произведат истиот примерок.

„Имаме пар дијаманти со кои сега ќе се обидеме да го направиме тоа“, вели тој. „Имаше неколку скептици, па решивме дека само треба да го репродуцираме со истиот метод.“

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail