Уништување архивски материјал во Министерството за култура !?

B168E26D-6F64-4F43-8160-90302FC1DECD_w987_r1_s-1.jpg

Претседателот на Комисијата за култура на СДСМ Роберт Алаѓозовски денеска обвини дека Министерството за култура сака да уништи архивски материјали.

Презентирајќи документи, Алаѓозовски рече дека пред шест дена до сите единици во Министерството за култура е испратен документ во кој се бара да се направат листи и евиденции, меѓудругото, и за уништување на архивски материјал.

„Во пресрет на правењето нова Влада, ова иницирање постапка на уништување архивски материјали ги прави оправдани сомнежите што со нас ги споделија чесните вработени од областа на културата – дека намерата е да се уништат вредни документи што сведочат за неправилно и незаконско работење во Министерството за култура“, рече Алаѓозовски.

Тој ги повика вработените во администрацијата да не дозволат да бидат, како што рече, вовлечени во незаконски активности за кои следува одговорност.

Министерството за култура, пак, најави дека ќе поднесе кривична пријава и тужба за граѓанска одговорност против Алаѓозовски. Министерството тврди дека Алаѓозовски изнел бројни лаги и невистини и го нарушил угледот на институцијата. Според нив, дописот кој Алаѓозовски го презентирал е незаконски стекнат, но во него нема ништо незаконско.

Покрај министерството, соодветна тужба против него ќе поднесе и лично министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail