УСАИД и МТСП ќе ги предводат напорите за развојот на работната сила во Македонија

usaid.jpg

Денеска, во Скопје се одржа состанок за координирање и вмрежување на активностите за развој на работната сила во Македонија. Состанокот беше организиран од проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Министерството за труд и социјална политика, а присутни беа и други владини агенции, организации и донаторски проекти.

„Заедничките напори се главен фактор за успех во секоја развојна политика вклучувајќи ја и оваа. Резултатите од напорите на МТСП може да бидат дополнително засилени преку соработка со сите овие организации што го имаат истото поле на интерес. Денешниот состанок ќе овозможи да согледаме до кој степен сме навлезени во решавањето на проблемот и да ги координираме понатамошните напори“, објасни министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Како дел од главните точки на состанокот организациите за поддршка на бизнисите ги презентираа своите активности што ги преземаат или планираат да ги преземат во полето на развој на работна сила. Како корисници на грантот на проектот, бизнис-асоцијациите и кластерите образложија кои активности планираат да ги преземат со цел да имаат поквалификуван кадар во секторите во кои оперираат, а владините агенции и другите донаторски проекти ги презентираат своите програми за развој на вештини. Преку образложување на активностите што ќе се преземаат во ова поле, сите актери ќе ги координираат своите напори со цел да ги максимизираат резултатите и да обезбедат меѓусебна долгорочна соработка во нивното работење.

„Зголемувањето на вработливоста на македонскиот кадар е макроекономски проблем кој не може долгорочно да се реши без соработка од поголем број засегнати индустрии, институции и организации. Затоа, заедно со Министерството за труд, го одржуваме овој координативен состанок, каде што сите засегнати фактори ќе може меѓусебно да ги надополнат и усогласат своите програми“, изјави Татјана Марковска, проектен менаџер во канцеларијата на УСАИД во Македонија.

Ова ќе биде прв од серијата координативни работни средби на тема развој на работната сила преку кој факторите во полето ќе соработуваат со цел ефикасно дејствување врз решавањето на проблемите со ниската вработливост во Македонија.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Македонија преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски за да поттикне значителен пораст на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Проектот има три општи и заемно поврзани цели: 1) Подобрување на деловните услуги, 2) Подобрување на пристапот до финансии за ММСП и 3) Поттикнување инвестиции од приватниот сектор за локален економски развој.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail