Успешен старт на Корона дијалозите на УКЛО

20200504_155212_0000.jpg

Со динамична дебата и над стотина учесници, УКЛО го започна серијалот Корона онлајн дијалози за влијанието на новите предизвици од пандемијата врз повеќе процеси во општеството.Главни говорници во првата тема: „Влијанието на пандемијата врз високото образование“, покрај министерот за образование и наука, Арбер Адеми беа ректорите на УКЛО, УКИМ и УЈИЕ, Сашо Коруновски, Никола Јанкуловски, академик Абдулменаф Беџети и проректорот од УГД, Мишко Џидров.

Во отворената дискусија говорниците ја начнаа темата којашто веќе извесен период, на глобално ниво, е во фокусот на сите заинтересирани страни во доменот на високото образование. Универзитетите, ресорните министерства за образование, владите, а и младите, студентите во целиот свет, соочени со овие глобални предизвици размислуваат за тоа како ќе функционира образованието во еден нов и различен амбиент што неминовно следи, размислуваат и дебатираат и за иднината, за „ постпандемските“ универзитети. И, секако, фокусот е и врз целокупниот сет на прашања што се во тесна корелација со оваа проблематика. А тоа се предавањата, лиерарурата, проверките на знаење, испитите… Односно, како да се создаде оптимална релација помеѓу она што е содржина, а тоа се онлајн предавањата, со целокупниот процес којшто подразбира: стекнување знаења, учење, проверки на наученото, колоквиуми, испити. Прашања што бараат заеднички ангажман за нивно решавање и за носење соодветни одлуки.

Одговарајќи на прашања од професорите и студентите во врска со јунската сесија Министерот Адеми истакна дека одредбата за полагање колоквиуми и испити треба да се толкува во согласност со автономијата на универзитетите, нивните технички услови и спецификата на студиските програми.

Универзитетите, флексибилноста ја гледаат од аспект на исклучителна одговорност и строго почитување на протоколите. Неподелени се во мислењето дека овие активности се остварливи само во координација со студентите и надлежните установи.

Според МОН, дигитализацијата и онлајн – учењето во високото образование само е динамизирано што дава простор за поинтензивни обуки за наставниците и кадарот за примена на новите алатки. Една реална проценка на целокупниот високообразовен процес и унапредувањето на регулативата за е – образование се , во овој контекст, приоритетни задачи на кои ќе работи ресорното министерство во соработка со универзитетите.

Ректорот на УКИМ Јанкуловски смета дека најголем проблем покрај полагањето на испитите е и запишувањето. Во однос на соработката на МОН и универзитетите, истата треба да продолжи преку поинтензивна тимска работа со цел врз основа на релевантните заклучоци да се изгради најсоодветна стратегија.

И академик Беџети оценува дека соработка и заедничка стратегија се неопходни, особено затоа што традиционалното предавање не може ништо да го замени. Според него, предизвиците се видливи и кај научно-истражувачките активности, одредени студентски сервиси и во делот на квалитетот.

Предизвици имаше и предизвици сèуште ќе има, а стратегија е потребна како одговор на предизвиците во иднина, според проректорот Џидров, којшто истакна дека на УГД се размислува и за развивање програма на далечина како и за сѐ поголема употреба на овие алатки во редовната настава.

Според ректорот на УКЛО, Коруновски, универзитетите брзо реагираа и ги избегнаа проблемите што можеа да се случат, но сепак академијата треба да демонстрира одговорност и преку Интеруниверзитетската конференција да изработи и понуди концепт и платформаво во функција на предвидувањата од надлежните институции и служби. Универзитетите во земјата, како што тоа впрочем го прават и во останатите земји, треба усогласено, во соработка со министерството, во соработка со студентите, да го артикулираат својот став, своето мислење за идното делување, за одговорите на бројните предизвици.

Инаку, сите учесници во Корона дијалогот оценија дека универзитетите релативно брзо и успешно го трансферираа класичното учење и преминаа на онлајн – настава и заклучија дека е потребно градење заедничка стратегија, со „постпандемски“ предвидувања на идни кризи и соодветни однесувања на универзитетите, во кои онлајн – наставата е значајно помошно средство.

Серијалот продолжува наредната среда. Модератор и иницијатор на Корона онлајн дијалозите е проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail