(ВИДЕО) Факултетот за безбедност се запозна со работата на центрите на УГД

noImageBig.jpg

Деканот на Факултетот за безбедност при универзитетот „Св. Климент Охридски“  проф. д-р Никола Дујовски и продеканите проф. д-р Наташа Пеливанова и доц. д-р Марјан Ѓуровски го посетија Универзитетот „Гоце Делчев, при што се запознаа со работењето на повеќе оддели и единици на УГД.

Тие остварија средба со Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев и проректорот за настава, проф. д-р Кирил Барбареев. Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски изјави дека имаат сознанија дека на УГД се спроведуваат многу поразлични и поедноставни процеси, за кои е значајно да се запознаат и да ги применуваат:

– Не само мој впечаток, туку општ е впечатокот дека на УГД веќе се изградени многу посериозни процедури за високото образование и затоа сакаме да користиме искуства кои луѓето пред нас веќе ги стекнале. Во таа смисла посетата ја гледаме и во насока да ги согледаме активностите на различните центри кои може да ни придонесат да изградиме наша сопствена политика или да ја интегрираме политиката на Факултетот за безбедност на начин кој е сличен или подеднакво применлив кај нас. Да се обидеме да направиме многу поедноставни процедури кои ќе имаат за цел да ги олесниме процесите низ кои минуваат студентите – од запишувањето па до дипломирањето. Ректорот не запозна со најразлични активности на УГД, она што во моментот се спроведува. Јас сум изненаден од начинот на кој Универзитетот е поставен – еднаков пристап за сите наставници, еднаков пристап за сите факултети, што значи дека студентите под исти услови студираат на сите факултети.

За Ректорот на УГД соработката со другите Универзитети во Р.Македонија е без алтернатива:

УГД е еден од најотворените универзитети во Македонија тој атрибут и понатаму ќе го гради, во поглед на тоа да пренесеме тоа што го знаеме и да земеме од другите тоа што имаат за нас. Оваа посета од деканот на Факултетот за безбедност е во насока да бидеме поблиски и покооперативни во поглед на соработката и да можеме да си помагаме, за да бидеме едно отворено општество во поглед на градење на релациите меѓу универзитетите. Доколку ние не обезбедиме мобилност низ нашите национални простори како ќе очекуваме да обезбедиме мобилност на интернационален простор. Повеќе пати сум рекол дека УГД не е конкуренција никому ниту пак некој друг универзитет треба да го чувствува како конкуренција на себе. Универзитетите мора да бидат отворена структура за сите, да бидат доволно отворени за да можат луѓето да пристапат на нив, дали се тоа студенти, дали граѓани за нивните потреби. Мислам дека УГД тоа добро го покажува, како што реков, ние сме еден од најотворените универзитети во Македонија и ние тој атрибут ќе го градиме и никогаш нема да го напуштиме – изјави ректорот Боев.

Претставниците на Факултетот за безбедност преку директни презентации  се запознаа со работата на Центрите за доживотно учење, за обезбедување со квалитет, за меѓууниверзитетска соработка, за е-учење, е-индекс, ИТ центарот, центарот за односи со јавноста и Канцеларијата за кариера и алумни клуб. Претходно, од страна на проректорот за настава проф. д-р Кирил Барбареев беа запознати и со работата на Универзитетскиот спортски центар, а од страна на генералниот секретар на УГД м-р Ристо Костуранов за Фонд за научно – истражувачка работа.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail