(Видео) Потпишан договор за соработка со Општина Прилеп

49ebc8001b113a022dbcc9bc9703b5b0_XL.jpg

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Прилеп денес потпишаа меѓусебен меморандум за соработка кој опфаќа повеќе нивоа.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски истакна дека ова е значајна соработка за градот Прилеп.

– Градот е особено благодарен на ректорот на УГД и на Универзитетот затоа што на нивно барање и со нивна заложба пред некое време во градот Прилеп се постави мерна станица за квалитет на воздухот. Ова ми е особено драго затоа што од овој момент ќе знаеме дали воздухот во Прилеп е загаден и колку е загаден. Прилеп беше еден од градовите кој што немаше мерна станица за амбиенталниот воздух, а благодарение на оваа соработка сега станицата е поставена, изјави градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски.

Ректорот на УГД истакна дека универзитетот е константно вклучен во мерењето и контролата на квалитетот на воздухот низ многу градови на државата.

– Прилеп е многу важна општина во перцепциите на Универзитетот и неговиот развој. Овој чекор е своевидно искажување на нашата општествена одговорност кон сите општини во државата кои имаат потреба од знаење и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните и поголема информираност на граѓаните. Ние во Прилеп имаме наставен центар во Прилеп и таму има неколку образовни програми кои се наоѓаат таму. Меморандумот вклучува соработка во науката, истражувањето, образованието, културата и во сферата на она што значи информираност на граѓаните, изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

Универзитетот во наставниот центар во Прилеп има насоки од Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот факултет и Технолошко – техничкиот факултет.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail