Виктор Филиповски од Музичката академија – најдобар млад џез музичар

ee9bc87b420b756ad4171d9571626ba4_XL.jpg

Признанието „Golden Oryx“, што за достигнувања во полето на културата го доделува „Катар ервејс“, годинава му беше врачено на Виктор Филиповски кој во изминатиов период се истакна како тапанар на повеќе состави.

Авиокомпанијата „Катар ервејс“, која е поддржувач на Скопскиот џез-фестивал, во рамки на годинашното издание на манифестацијата го прогласи Филиповски за најдобар млад џез-музичар во Македонија.

Виктор Филиповски дипломираше на Одделот за џез студии на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев” во Штип, каде што во моментов е магистранд, но и најмлад инструктор вклучен во наставата по џез-тапани. Во изминативе години е особено активен на македонската музичка сцена како тапанар во голем број состави, преку коишто во различни форми ги прикажува својот огромен талент и разновиден стил. Тој е дел од изданијата на групи како џезерите „Фирс“, рокерите „Проект Орфеус“ и фанкерите „Барбарела“. Редовно настапува со искусни домашни и регионални џез-имиња како Васил Хаџиманов и Тони Китановски.

– Во развојот на еден млад џез-музичар и, генерално, човек што се занимава со креативност и уметност се значајни талентот и образованието, но подеднакво е битна и поддршката што ја добива во периодот кога се етаблира на сцената. Оваа награда од „Катар ервејс“ ја гледам не само како потврда за мојата досегашна работа, туку и како дополнителна поткрепа за предизвиците што допрва ќе ме пречекаат – истакна Виктор Филиповски, кој откако ја прими наградата настапи со својот состав во кафе-барот „Винил“ во Скопје.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail