Vivo прв со смартфон со скенер за отпечатоци вграден под дисплејот

smart.jpg

Еден од најголемите кинески производители на паметни телефони, се чини ќе го престигне Apple со смартфон кој ќе има читач за отпечатоци на прстите вграден во самиот дисплеј, технологија која требаше да биде вградена и во Galaxy S8 и Galaxy S8+.

Технологијата “Sense ID”, која ќе ја користат смартфоните на Vivo е на Qualcomm и истата прво ќе биде достапна со нивните нови Snapdragon 630 и 660 чипови, но подоцна и со други мобилни чипови.

Ова е одлична вест, бидејќи значи дека скоро секој производител кој ќе вгради ваков чип во некој свој модел (а тоа се обично поевтини модели од средната и средно-високата класа), има шанса да вгради и читач за отпечатоците под дисплејот.

Ваквиот тип на скенер е со ултразвук и поради тоа може да продре низ најразлични површини. Покрај тоа што може да се вгради под дисплејот, тој може да се вгради и под метал или стакло, што би можело значително да го подобри дизајнот на телефоните, бидејќи во задниот дел нема да има потреба од посебно засечен дел за читач за отпечатоци. Скенерот инаку засега може да функционира само со OLED дисплеи со максимална дебелина од 1,2 mm.

Според првите коментари на оние кои можеа да ја испробаат технологијата на Vivo, таа сѐ уште не е брза како читачите за отпечатоци кои се вградуваат во многу модели на смартфони денес. Сепак, и покрај тоа иднината е дефинитивно тука – новиот ултрасоничен читач на Qualcomm би можел да го чита прстот каде и да го ставите на дисплејот или во задниот дел на смартфонот, што драматично ќе го намали времето на сместување на прстот на само едно место. Во превод, како и да го фатите телефонот, тој ќе се отклучи, а оваа технологија работи и под вода. Импресивно.

Засега, Vivo има покажано само демо и прототип уреди со новите технологии на Qualcomm за скенер вграден под метал, стакло или дисплеј. Сѐ уште нема дефинитивен тајмлајн за тоа кога ќе го видиме првиот ваков смартфон на пазарот, но тоа би можело да се случи и пред лансирањето на iPhone 8, телефон за кој на широко се зборува дека ќе може да прочита отпечатоци преку дисплејот.

Извор: Engadget, GSMArena, ARS Technica

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail