Италијанските научници откриле еден од најстарите цртежи кој се наоѓа на таванот од една мала пештера во Сахара. На цртежот се насликани родители со дете, две животни и ѕвезди.
“Цртежот изгледа како приказ на раѓањето на Исус Христос, кој е настанат пред 3000 години”, изјави геологот и директор на музејот (Музеј на планетарни науки) Марко Морели.
Морели го открил овој цртеж во 2005 година, но дури сега одлучил да го покаже во јавност ова откритие. “Кога ќе се погледне овој цртеж ни се наметнуваат некои нови прашања во врска со иконографијата на еден од најпознатите симболи на христијанството”, рече тој.
Иако за овој цртеж може да се каже дека е само нормален изглед на семејство – родители и деца меѓу нив, сепак научниците велат дека одредени детали го прават уникатен.
Морели забележува дека новороденчето е над родителите и како да се воздига накај небото. Таквата положба може да значи раѓање или бременост. Како што смртта е поврзана со земјата, така раѓањето е поврзано со небото.
Поради избледеноста на бојата не може убаво да се дефинира ликот на жената. Самиот цртеж добива сложеност и при обидот за откривање на значењето на малиот круг и приказот на двете животни. На горниот дел од цртежот е прикажан лав без глава, митско суштество кое се наоѓа и на други цртежи од истата област. Под семејството е насликан антропоморфен мајмун. На источната страна уметникот од неолитот насликал форма што личи на ѕвезда.
Местото на пронајдокот истражувачите го нарекуваат “Пештерата на родителите.”