Во Хамбург отворен библиотека-бутик – секој месец нова облека за претплата од 49 евра

Ресурсите се трошат, па мора да ги штедиме. Како придонес против претераниот конзум, во Хамбург е отворен еден вид „библиотека“ за облека, претплата од 49 евра месечно овозможува разновидност во плакарот и мирна совест, пишува Дојче веле.

За производство на една маица се потребни околу 2700 литри вода, гласат податоците од Германскиот сојуз за екологија и заштита на природната средина. Се користат ресурси кои во светот се сѐ поограничени. Притоа, постојат бројни можности за нивна заштита и за давање втор живот на производите. Бутикот Клајдерај во Хамбург на пример е еден вид „библиотека“ за облека. Муштериите редовно имаат нови алишта во шкафот, штедат пари и ја поштедуваат природната средина.

Шопинг со мирна совест – е идејата на Клајдерај (Kleiderei) во Хамбург, бутик за изнајмување облека по принцип на месечна претплата. Муштериите можат да купуваат или изнајмуваат нови работи, со што очигледно е погоден нервот на времето.

„Јас на пример позајмив мантил и здолниште, идејата многу ми се допаѓа“, вели една од муштериите.

„Важно е што човек не претерува со трошење, не се расфрла, супер пристап“, дополнува друга жена.

Всушност бутикот Клајдерај претставува интернет-понуда: корисниците можат да склучат договор за претплата и за 49 евра месечно на домашна адреса им се испраќаат четири нови парчиња облека, кои можат да ги користат четири недели. За основачките на Клајдерај, Текла Вилкенинг и Пола Фендел ова е повеќе отколку бизнис-идеја:

„Нашата голема, можеби кич, но сепак темелна визија, е дека потрошувачката мора, треба и може да се промени, а ние сакаме да бидеме предводници, и да дадеме наш придонес,“ вели Пола Фендел.

Моментно во оптек се околу 2.000 парчиња облека, набавени на пазарите за стари работи, добиени од пријатели или донесени од самите муштерии и подарени на бутикот, кому му го препуштаат изнајмувањето. Со сортирањето, пакувањето и испраќањето, како и со прифаќањето на вратените парчиња облека и евентуално нивна поправка се занимаваат петмина вработени.

На понуда не се само користени работи од втора рака, туку во бутикот се наоѓаат и дела на млади дизајнери. Клајдерај во Хамбург ќе биде присутен до почетокот на февруари.

Видеото погледнете го на Дојче веле на следниот линк.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top