Во МАНУ научна конференција „Библијата и книжевноста“

biblija-1.jpg

Научна конференција на тема „Библијата и книжевноста“ се одржува денеска и утре во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Претседателот на МАНУ, Таки Фити истакна дека конференцијата е иницирана од одделението за лингвистика и книжевна наука при МАНУ во рамки на научниот проект „Методи на книжевната херменевтика“, кој го раководи академик Катица Ќулавкова. Посочи дека слични вакви научни конференции имале минатата година кога прославувале 1100 години од упокојувањето на Свети Климент.

Според него, многу е интересна темата особено заради тоа што тие врски меѓу книжевноста и библијата ќе бидат третирани според програмата од многу различни аспекти – историски, филозофски и аспекти врзани со теоријата на книжевноста и критиката, со историјата на уметноста, митологијата итн.

– Овој собир покажува дека за вакви крупни значајни теми од чисто научен аспект може да се дискутира и во рамките на одделните национални литератури, на одделни автори и сл. Впрочем и наши автори, членови на МАНУ дале посебен придонес во афирмација на библиската традиција и врските со книжевноста, додаде Фити.
Академик Ќулавкова рече дека одлучиле во соработка со Институтот за вера и култура од Скопје да ја организираат конференцијата со гости професори, теолози, филозофи од Оксфорд, со цел да покажат дека книжевноста може да се толкува и од аспект на библиските мотиви и теми.

Претседателот на Балканскиот институт за вера и култура, Костаке Милков рече дека разговарал со тројца книжевници и теолози, а еден од нив е професор Сајмон Хоробин од Модлин колеџот при Универзитетот „Оксфорд“ за тоа колку всушност македонскиот јазик и македонскиот контекст се податни да бидат отворени за она што се нарекува трансцеденталното по прашањето на верата како таква и додаде дека голем дел од нашата литература се потпира на некои такви метафизички елементи.

– Верувам дека преку таквото севкупно промислување на голем број автори кои Македонија ги има дадено можеме да понудиме една перспектива на целиот западен свет кој речиси како да сака преку најновата литературна теорија да избега од овие конкретни прашања, бидејќи литературата пишува за човекот, а човекот живее секојдневно. Тоа е конкретно прашање кое си го поставува секој ден. Ако литературата сака да продолжи да биде релевантна ќе треба да продолжи да го адресира токму тоа прашање. Верувам дека македонската литература е на добар пат по тоа прашање, додаде Милков.

Меѓу учесниците на конференцијата се претставници од Модлин колеџот и Факултетот по англиска книжевност при Универзитетот „Оксфорд“, Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Институтот за филозофија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“,  Балканскиот институт за вера и култура..

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail