Во Охрид одбележан денот на рибарите

images-2.jpg

Во редици се чекаше за да се проба од рибјата чорба која во голем казан од 3.000 литри се вареше неколку часови за Денот на рибарите во Охрид. Но, наместо Охридска пастрмка или белвица за овој специјалитет и годинава биле употребени 400 килограми морска риба бидејки пастрмката ја има сè помалку. Чорбата се спремала два дена, а ја подготвиле професори и ученици од средното угостителско училиште.

„Некаде околу 6.000 порции излегуваат. Охридска пастрмка и белвица не употребуваме бидејќи е многу нежна и се растура во чорбата, но и ја нема. Употребуваме лосос и мала количина ослич“, вели Блаже Јорданоски-главен кувар.

На овој ден традиционално се одбележувал и крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на нејзиниот лов.

„…Езерото порано беше богато со риба, сега е нула, жива душа нема во езерото. И по десет килограми пастрмка имаше“, вели еден охриѓанец.

„Јас живеам во Белгија, но годишно по два-три пати доаѓаме тука за празниците. За Денот на рибарите сме првпат бидејќи не знаев“, вели еден турист од Белгија.

Од спортско риболовниот клуб „Свети Апостол Павле“ велат дека овој ден треба да прерасне во фестивал на рибата.

„Со траење од неколку дена и со многу други содржини кои ние рекреативните риболовци можеме да ги дадеме. Гледаме дека 20 години се порибува езерото со два ипол милиони единки на охридска пастрмка, а за жал сè помалку и помалку ја имаме“, рече Радован Димитриески-спортски риболовец.

Според кажувања на постарите жители, рибарите на овој ден се капеле за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail