Во Охрид се организира курс за подводни истражувања

ohrid.jpg

Во рамки на курсот European Science Diver на Охридското Езеро се врши обука на археолози од повеќе европски земји преку изучување на напредни подводни техники и методи на археолошко истражување. На крајот од курсот, предводен од германски инструктори, учесниците ќе бидат тестирани од страна на Комисијата за европско подводно истражување, со што би се стекнале со најпрестижната лиценца во оваа научна сфера.

Во рамки на обуката ќе се изврши и мало истражување на наколната населба во Заливот на Коските на Охридското Езеро, со што ќе се утврдат нејзините архитектонски обележја и ќе се селектираат примероци за дендрохронолошки анализи. Курсот ќе биде проследен и со неколку предавања поврзани со предисторијата во Македонија, така што странските учесници би се запознале и со македонското културно наследство.

Организацијата на еден ваков настан претставува престиж за секоја институција што има за цел да ги следи најсовремените пристапи во науката и да ги имплементира во тековните и идните истражувања.

„Претставува голема чест и одговорност да се реализира ваква врвна обука и веруваме ќе придонесе кон создавање нови генерации на археолози што ќе ги применуваат најсовремените методи и техники“, велат од Центар за истражување на предисторијата (ЦИП).

Покрај Центарот за истражување на предисторијата, во реализацијата на овој курс учествуваат и Завод и музеј – Охрид, Капетанијата на пристаништата – Охрид и нуркачкиот клуб „Амфора“.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail