Вселената може да стане арена за идни војни, вели француската министерка за одбрана

vselena-1.jpg

Франција треба повеќе да инвестира во надзор на космосот, со цел да се спречи опасноста истиот да стане арена за идните војни, рече француската министерка за одбрана, Флоранс Парли.

Неколку дена откако американскиот претседател, Доналд Трамп, најави дека наредил формирање на шести огранок на американската војска, кој ќе се фокусира на космосот, Парли изјави дека Франција, како нуклеарна сила, верува оти вселената би можела да стане поле за идни конфликти.

„Мора да најдеме начин да инвестираме во вселенските истражувања повеќе отколку досега, така што ќе може да вршиме надзор и да ја спречиме можноста космосот да стане сцена на големи конфликти“, рекла министерката во изјава за телевизијата „Франс 2“.

Коментарите на Трамп предизвикаа загриженост во врска со трката за вооружување во вселената, иако САД е земја-членка на Спогодбата за космосот од 1967 година, која забранува стационирање на оружје за масовно уништување во вселената и го ограничува користењето на Месечината и другите небесни тела само за мирољубиви цели, укажува „Ројтерс“.

Идејата за космички сили ја изнесуваа и американски администрации, пред Трамп, а застапниците на овој став сметаат дека на тој начин Пентагон би станал многу поефикасен.

Што се однесува до Франција, во парламентот и земјата моментално се дебатира за законот за воено планирање за периодот од 2019 до 2025 година, според кој универзумот е од огромно стратешко значење.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail