За десет години 17 проценти повеќе високообразовани граѓани меѓу 30 и 34 години

obrazovaniee.jpg

Во 2015 година 29 проценти од населението на возраст меѓу 30 и 34 години во Македонија имале стекнато високо образование, наспроти 12 проценти во 2006 година, покажува последниот извештај „Од универзитет кон вработување“ на Директоратот за образование при Европската комисија, соопшти на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

– Тоа е потврда на ефикасноста и ефективноста на нашата стратегија за поддршка и развој на високото образование, за што поголема отвореност на системот и поттикнување на граѓаните за вклучување во него, рече Ристовски.

Исклучително позитивниот ефект, рече тој, се должи на посветеноста на Владата и повеќето стимулативни мерки воведени во изминатите години со кои високото образование стана подостапно. Покрај намалената партиципација и дисперзираните студии, во  зголемениот процент на високообразовани граѓани на таа возраст удел има и проектот 30/35, кој МОН го спроведува седма година.

Се работи за можноста повозрасни лица (мажи над 35 години и жени над 30 години) да се запишат и завршат додипломски студии. Во изминатите седум години бенефициите на овој проект ги искористиле две илјади македонски граѓани.

– Тие се запишале на некој од четирите државни универзитети што континуирано се дел од овој проект и имаат статус на вонредни студенти, плаќајќи годишен износ на кофинансирање од 200 евра во денарска противвредност. Само во оваа академска, 2016/2017 година, мерката ја искористија 130 кандидати кои аплицираа на објавениот конкурс, рече Ристовски на прес-конференцијата.

Корисниците на овој проект во изминатите седум години се пријавувале за речиси сите струки понудени со конкурсите, но најмногу за студиските програми од техничките, природно-математичките и медицинските науки.

– Согласно со реалната состојба на пазарот на трудот, тие се и дефицитарни и обезбедуваат поголема можност за вработување и економска сигурност  на поединецот, додаде Ристовски

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail