mislenje-1.png

Либерализмот е невозможно да се разбере без да се посочат неговите темелни принципи – слободата, еднаквоста во различноста, толеранцијата и правдата.

Либералната теорија на правда е втемелена на верувањето во еднаквоста на различните видови. Најпрво, индивидуализмот имплицира посветеност кон базична еднаквост на човечките суштества, односно дека тие се родени еднакви и секоја индивидуа си има подеднаква морална тежина. Оваа идеја e отелотворена во концептот за природните права, т.е. за човековите права и таа базична еднаквост имплицира верување во формална еднаквост. Тоа значи дека индивидуите треба да имаат еднаков статус во општеството, особено во однос на дистрибуирањето на правата и на овластувањата, па консеквентно, либералите не ги одобруваат општествените привилегии и придобивки кои ги уживаат некои луѓе, а ги заобиколуваат другите и тоа главно врз база на фактори, како што се родот, расата, бојата на кожата, религијата или општествениот бекграунд.

Правата не треба да бидат резервирани само за определени класи или личности како што се, на пример, мажите или белите, или христијаните или богатите. Најважни форми на формална еднаквост се правната и политичката еднаквост. Првата ја нагласува еднаквоста пред законот и инсистира дека сите нелегални фактори се стриктно нерелевантни во процесот на легалното донесување на одлуки. Втората форма ја отелотворува идејата за еден човек – еден глас – една вредност, а, исто така, ја поткрепува либералната посветеност спрема демократијата. Либералите веруваат во еднаквоста на можностите, т.е. секоја индивидуа би требало да има подеднакви шанси за подеми и за падови во општеството, но ова не значи дека треба да постои еднаквост во ауткамот и во наградувањето или, пак, дека животните услови и општествените околности треба да бидат подеднакви за сите.

Либералната теорија соочена со мултикултурната стварност доби нов тек, бидејќи појасно се истакнаа двете традиции во либерализмот, при што клучна разлика меѓу нив е инклузивностa на групните идентитети. Релациите меѓу овие две струи во либерализмот се динамични, бидејќи понекогаш меѓусебно се исклучуваат, а понекогаш се комплементарни. Најзначајни мислители низ кои ќе се проследат двете традиции на либерализмот се Џон Ролс, Џон Греј, Мајкл Волцер, Чарлс Тејлор, Ричард Рорти и Вил Кимлика. Ролс, на пример, ја инаугирираше идејата за социјалната правда; Греј ги обелодени двете лица на либерализмот и посебно се позанимава со проблемот на толеранцијата; Тејлор се заложи за политиката на признавањето, додека Волцер по трагите на Тејлор, ја детализираше разделбата во рамките на либерализмот; Рорти ја надополни толеранцијата со солидарноста итн. Во рамките на либерално -демократските кругови најмногу се дебатира за неколку важни прашања, односно дебатата главно се води околу спротивставеноста на идеите за универзалниот либерализам и за актуелните барања на културните групи за поинклузивен либерализам, т.е. за мултикултурен либерализам, кој од своја страна ја доведува во прашање старата концепција за либералната правда со цел да се изгради т.н. нова теорија на либерална правда за општествата кои се мултикултурни. Исто така, се проблематизира недоволноста на т.н. принцип за „бенигно занемарување“ (blindness law- правото слепо за разликите), т.е. универзалното граѓанство наспроти диференцираното граѓанство и мултикултурното граѓанство, и оттука новата либерална правда го преиспитува прашањето и на конфликтноста, која произлегува од разликите во групните идентитети, т.е. нејзиното решавање по пат на консензус.

Тука се и прашањата за судирот на индивидуалните и колективните права; внатрешните рестрикции и надворешните заштити; па дури и дилемите околу унитарните јуриспруденции и можноста за повеќе правни поредоци во рамки на една држава итн. Навидум, либерализмот е спротивен на мултикултурализмот,а овие становишта произлегуваат од фактот дека либерализмот е фундусот на кој израсна капиталистичкиот систем на производство, а освен тоа, либерализмот како идеологија одамна се доживува како празна школка, од која повеќе ништо не може да се извлече. Со неолиберализмот, каде предимство добива економијата, материјалните богатства, профитот итн., како да се стави во втор план клучната духовна вредност на либерализмот – потрагата по самоодредување и по ослободување. Се заборавија зборовите на Бенедето Кроче дека либерализмот, во основа, е пофалба на слободата.76 Како и да е, либерализмот и мултикултурализмот се во постојан дијалог, бидејќи имаат заедничко поле на интерес, па дури и се надополнуваат.

Мултикултурната стварност може да најде свое место во либералните вредности, а, од друга страна, пак, либералните вредности, во својата оргинална форма, се инхерентни на мултикултурализмот, но тензијата која постои помеѓу либерализмот и мултурализмот е резултат на комплексноста и на контекстот на современоста, а, исто така, таа тензија се јавува и како резултат на погрешните толкувања на либералните изворни идеи. Затоа, современите теоретичари на либерализмот создадоа еден дискурс кој е исклучително важен и е инспиративен за мултикултурализмот. Бидејќи двете традиции на либерализмот сами по себе се огромна тема, за овој труд нужен е еден редукционизам. Имено, ќе се обидам да ги претставам оние дискурси кои се занимаваат со прашањата околу кои се сретнуваат либерализмот и мултикултурализмот. Такви се, на пример, прашањата за односот меѓу јавното и приватното, етиката и политиката, личноста и заедницата, толеранцијата, плуралноста на вредностите, еднаквоста и различноста.

Класичните либерали ја поддржуваат стриктната меритократија и во економската и во моралната сфера. На пример, оние кои напорно работат си го имаат заработено своето богатство и заслужуваат да бидат попросперитетни од оние кои се мрзеливи. Ваквата струја започнува со Џон Лок во 17 век, а се пресликува во неолиберализмот кој е под влијание на Роберт Нозик. Модерните либерали, пак, од друга страна, ја третираат општествената правда од аспект на верувањето дека е можно да се измери општествената еднаквост. Џон Ролс, на пример, смета дека економските нееднаквости се оправдани само доколку тие се во полза на бенефициите за најзагрозените, т.е. најсиромашните во општеството. Така, социјалните либерали, како Ролс, заклучуваат дека вистинското општество е она каде богатството се редистрибуира преку определени форми на системот на благосостојба (welfare).

Дебатата околу прашањата за судирот на индивидуалните и колективните права под скалпот на либералната рамноправност заслужува посебно внимание и токму околу ова прашање ротира мултикултурализмот. Имено, либералниот идеал за еднаков третман на човековите права е нецелосен доколку не се признае правото на културна различност, бидејќи признавањето на културниот идентитет е важно за да се обезбеди индивидуалната слобода и слободата на избор, па повеќе од јасно е дека се потребни политички инструменти за заштита на идентитетите. Ова нужно не мора да подразбира зајакнување по секоја цена на нормативниот статус на членовите на определена културна заедница, но, од друга страна, инсистирањето на индивидуалистички универзализам може од решение да стане извор на конфликти во нараснатите плурални постмодерни општества.

Денес, современата политичка теорија во голем дел ја поддржува идејата дека е потребно законски да се заштити и да се регулира правото за „членување во културата“, т.е. правото на културна самоидентификација. Ова самопотврдување на индивидуата низ специфична култура е неопходно за одржување на идентитетот и за благосостојбата на членовите на едно општество, како и за потврдување на нивниот граѓански статус. Токму со отворањето на прашањето на заштитата на културните идентитети и дилемата како да се балансираат правата во едно општество соочено со културна плуралност и длабоки разлики, посебно се акцентира улогата на државата која себеси се смета за либерално -демократска. Во тој контекст, особено важно место има Мајкл Волцер, кој во своите анализи ни ја предочува тензијата меѓу двете либерални традиции во однос на прашањето за улогата на државата.

ПИШУВА: Стефан Васев, постдипломец по социологија на културата

Мислењата искажани во колумните се лични ставови на авторите и не значи дека го претставуваат мислењето на Редакцијата на студенти.mk
Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail