Забрана: Наставници и негователи не смеат да објавуваат слики од деца на Фејсбук

decaa.jpg

Негователите и воспитувачите во градинките, како и наставниците во основните училишта, не смеат да објавуваат фотографии од децата и учениците, туку тоа ќе можат да го прави само раководството на градинката или училиштното раководство. Ова ново правило ќе биде воведено по реакциите за трендот кој се случува во последните години, Фејсбук да е преплавен со фотографии од малолетници во различни групи или пак, на приватни проифили на воспитувачи и наставници, дознава „Newsroom.mk“.

Во Министерството за труд и социјална политика ја потврдија информацијата и појаснуваат дека ова се прави за да се заштитат правата на децата.

„До Министерството за труд и социјална политика стаса допис од Дирекцијата за заштита на личните податоци, во кој е наведено дека до нив имало реакции, дека во последниве години е зачестен трендот на објавување на фотографии на деца по социјални мрежи од страна на градинки, училишта и дневни центри, приватни училишта. Имајќи ја предвид сериозноста и обемот на личните податоци кои се објавуваат и фактот дека се работи за деца, Дирекцијата укажува дека е потребно да се преземат мерки за итно постапување со цел заштита на правата на децата“, појаснуваат од МТСП.

Оттаму додаваат дека Дирекцијата дала препорака, при креирање веб-страници, блогови и групи на фејсбук, треба тие да се организирани, координирани и спроведени единствено од градинката, а не од некој воспитувач, неговател или наставник.

„Затоа, секоја градинка е должна да донесе и примени посебна процедура во која ќе бидат разработени процесот на собирање, обработка и чување на личните податоци на децата кои ќе се објавуваат на социјални мрежи, односно начинот на информирање на родителите. МТСП се залага за принципите на заштита на правото на живот и развој на детето , заштитата на најдобриот интерес, обезбедување минимум стандард за секое дете“, велат оттаму.

Некои родители веќе реагираа на „Фејсбук“ за ова, затоа што разбрале дека се забранува постоењето на групи во кои комуницираат родители на деца кои посетуваат градинка или училиште. Во министерството појаснија дека не е така и дека такви групи можат слободно да продолжат да постојат и функционираат.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail