Забрана за дизел-возила: Колку е виновна индустријата, толку и политиката

volkmaks.jpg

Oдлуката околу забраната за возење дизели во градовите е одложена за една недела. Сеедно до каков заклучок ќе дојде судот, и автоиндустријата и политиката ќе мора да преземат вистински мерки.

Дозволената граница на загадување на воздухот е пречекорена во 70 градови, во 20 дури премногу, покажуваат истражувањата на загадувањет на воздухот во Германија. Последните истражувања на КАР-центарот за истражување на мобилноста на Универзитетот Дуизбург-Есен, се спроведени во првите шест недели од оваа година, при што со 399 мерни станици се мерени вредностите на азотен оксид во 35 градови. Шефот на КАР, Фердинанд Дуденхефер, затоа бара подобрување на хардверот на возилата или во спротивно воведувањето забрани за дизел-возила ќе биде неизбежно.

Дизел-скандалот и дискусијата за можни забрани за возење доведоа до тоа бројот на новорегистрираните дизел-автомобили да падне прилично многу – во 2017 година е забележан пад од 13%. Истовремено, регистрирани се 14% повеќе новорегистрирани „бензинци“.

„Автоиндустријата има проблем со веродостојноста, ако возила кои се стари само две или три години веќе не смеат да возат во центрите на градовите“, вели Штефан Брацел, раководител на Центарот за автомобилски менаџмент на Високата школа за економија во Бергиш-Гладбах. Доколку Е5-дизел-возилата се доопремат, тоа би можело да се спречи. Но, кој ќе плати за тоа? Ако за доопремување на едно возило се потребни околу 2.000 евра, тогаш само за шесте милиони возила кои се движат во германските патишта ќе бидат неопходни 12 милијарди евра. „Тоа германската автомобилска индустрија – иако со болка – би можела да го поднесе“, вели Брацел. Но, доколку автопроизводителите во Германија платат за доопремување, нема долго да се чека на такви барања и од европските соседи, као на пример од „дизел земјите“ Франција и Италија. „Тогаш ќе станува збор за над 50 до 60 милиони дизел-возила“, нагласува автомобилскиот експерт. А, такво нешто автопроизводителите тешко ќе можат да поднестат.

Сепак, вина не сноси исклучиво индустријата. Таа има завршено добра лоби-работа, но политиката навистина ѝ ги направи работите на оваа бранша – лесни. Германските канцелари долго време во Брисел спречуваа поостри правила за издувните гасови. Освен тоа, во Германија правилата не се недвосмсислено формулирани, со што на автопроизводителите им беа оставени дупки, благодарение на кои можеа да дејствуваат на границата на легалното, но не правеа ништо спротивно на законот. „Политиката со своето вртење на погледот има голем удел во целата ситуација“, оценува експертот Брацел.

Десетте германски градови со највисоки вредности на азот оксид NO2 (дозволената граница е 40 mg/m3)

Страв од синдикатите

„Сина плакета“ за автомобилите кои испуштаат малку азотен оксид веројатно уште пред многу години можеше да помогне за производителите да бидат принудени да се држат до граничните вредности. Еколошкиот сојуз БУНД и другите еколошки организации тоа го бараат одамна. Но, токму поранешниот сојузен министер за сообраќај Александер Добринт се противеше на тоа со сета сила. Такво нешто нема ниту во новиот коалиционен договор. СПД стравува пред сѐ од социјалните последици на забраната за возење дизели, зашто ако забрана биде воведена, дизел-возилата ќе загубат уште повеќе од вредноста отколку во моментов. Шефот на синдикатот ИГ-Метал, Јерг Хофман, веќе зборува за „ладна експропријација“. Според пресметките на институтот за истражување на автомобилскиот пазар ДАТ, едно дизел-возило старо три години во декември минатата година вредело само 52,6% од цената за ново возило, што претставува пад на вредноста од 3,4% во однос на годината пред тоа. Освен тоа, доколку дизел-возилата немаат перпсектива, синдикатите се загрижени и поради можно големо намалување на работните места.

„Не постои рецепт како да се излезе од оваа незавидна ситуација“, вели автомобилскиот експерт Дуденхефер. Уделот на електромобили континуирано расте, но во Германија тој изнесува само 1,6% од новорегистрираните возила.

Експертот Брацел советува „да не се дејствува панично“. Пример за такво дејствување, според него, е „непромислената идеја“ на владата за бесплатен јавен превоз. Со тоа би се помогнало само малку во решавање на проблемот на загадувањето, уверен е тој. Затоа, вели Брацел, она што е неопходно е прво да се направи анализа на економските, еколошките и социјалните аспекти.

извор: Дв

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail