Заводот за индустриска сопственост лани заштитил 943 македонски патенти

Најголемиот број на патенти се за пронајдоци поврзани со тековните животни потреби, а по нив следуваат иновациите од областа на хемијата и металургијата, вели за „Иновативност“, директорот на Заводот за индустриска сопственост, Сафет Емрули

safet emruli
Сафет Емрули

Македонските граѓани се иновативни и во однос на земјите од регионот и Европа, со кои имаме приближен број на население, Македонија има многу добра позиција, смета Емрули. Тој посочува дека бројот на пријавите за патенти на национално ниво, секоја година расте и споредено со државите од регионот е на задоволително ниво.  Сепак, домашните иноватори се уште се далеку од меѓународна заштита на нивните пронајдоци, порадите скапите постапки, кои достигнуваат и до неколку десетици илјади евра.  Од друга страна, пак, бројот на странските патенти кои се заштитуваат во Македонија е голем и е со тенденција на постојан пораст. Иноваторите, во Државниот завод за индустриска сопственост, можат да ги заштитат нивните идеи со патент, трговска марка, индустриски дизајн или ознака на потекло и географска ознака.

– Г-дин Емрули, кои услуги ги нуди Заводот за индустриска сопственост на домашните иноватори?

Државниот завод за индустриска сопственост е единствената надлежна институција која ги извршува работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост. Значи, иноваторите во Заводот можат да ги заштитат нивните идеи со патент, трговска марка, индустриски дизајн или ознака на потекло и географската ознака.

Државниот завод за индустриска сопственост врши и пребарување на домашните и меѓународните бази на податоци кои се однесуваат на патенти, трговски марки, индустриски дизајн.

Заводот врши и промоција на најдобрите проѓачи кои имаат поднесено пријава, со нивно претставување на меѓународни изложби на иновации кои се одржуваат во Женева, Брисел, Нирнберг, Сеул.

– Која е процедурата за заштита на иновациите?

Целата процедура отпочнува со поднесување на барање и пријава до Заводот, по што стручните испитувачи вршат испитување на истите и носат конечно решение за признавање на правото. Се разбира, доколку е се` според Законот за индустриска сопственост и Правилниците за одделните права.

– Од кои области најчесто се поднесуваат барања за патентирање во Македонија?

Согласно податоците со кои располага Државниот завод за индустриска сопственост, најголемиот број на пријави за патент се однесуваат на пронајдоци кои се поврзани со тековните животни потреби по што доаѓаат тие од хемијата и металургијата. Конкретно, во 2016 година, структурата на поднесените пријави за патенти, според МКП, е со најголемо учество на секцијата А (тековни животни потреби) со 67.2% и секцијата C (хемија, металургија) со 15.5%, што укажува дека интересот за заштита е поврзан со структурата на производните капацитети во Република Македонија.

– Како се стекнува патент?

Како што веќе напоменав, целата процедура започнува со поднесување на пријава за патент. По поднесување на пријавата за признавање на правото на патент во Државниот завод за индустриска соптвеност, се испитува уредноста на пријавата т.е. дали пријавата ги има сите содржини кои се предвидени со закон:

  • – барање за признавање на патентот
  • – име односно назив и живеалиште, односно седиште на подносителот на пријавата
  • –  опис на пронајдокот и едно или повеќе патентни барања

Ако пријавата е уредна, Заводот го утврдува датумот на поднесување на пријавата, со што подносителот се стекнува со право на првенство. Пријавата потоа се запишува во Регистерот за пријави на патенти. Откако оваа процедура ќе заврши, патентните испитувачи на Државниот завод ги испитуваат пријавите и тоа:

Прво формално се испитува пријавата, а потоа се поминува на наредната фаза на испитувањето во која се проверува дали пријавата ги има сите состојки што една пријава на патент треба да ги има и се проверува (преку описот, патентните барања и нацртот) дали предметот на пријавата е пронајдок кој може да се заштити со патент. Во случај на недостатоци, Заводот писмено го известува подносителот за да ги отстрани. Ако се исполнети сите услови Заводот го повикува подносителот да ги плати трошоците за објавување на патентот и трошоците за издавање на исправа на патент. На крај, Заводот донесува Решение за признавање на правото на патент и го известува носителот на правото. Податоците од решението се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

– Што е заштита на трговска марка, а што на индустриски дизајн?

Согласно Законот за индустриска сопственост, со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот. Со трговска марка се штитат зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите напред наведени знаци. Наведените зборови и букви можат да се напишат на кој било јазик и со кое било писмо.

Со право на индустриски дизајн се штити дизајн кој е нов и има индивидуален карактер. Дизајн е надворешен изглед на производот во целост или на негов дел кој е определен од неговите обележја, особено линиите, контурите, боите, обликот, текстурата и материјалите од кои производот е сочинет или украсен како и/или неговата орнаментација. Како производи во оваа смисла се индустриски или занаетчиски предмет, вклучително, помеѓу другото, и делови кои се наменети за спојување во сложен производ, пакување на производот, графичките симболи, типографските знаци, со исклучок на компјутерски програми.

– Кое право од интелектуална сопственост е најкористено од клиентите на Државниот завод?

Најкористено, што се гледа и по бројот на поднесени пријави, е правото на трговска марка. Потоа доаѓаат патентите и на крај индустрискиот дизајн како и географските ознаки и ознаките на потекло.

– Кои производи можат да се стекнат со заштита на потеклото?

Ознаката на потеклото е географскиот назив на земјата, регионот или местото со кој се означува производот кој потекнува од тоа подрачје и чиј квалитет и посебни својства исклучиво или претежно се условени од географската средина, вклучително и природните и човечките фактори и чие производство, преработка и подготовка во целина се одвиваат на одредено ограничено подрачје на потеклото.

Во нашата земја регистрираани се повеќе ознаки на потекло за производи како што е виното, сирењето, чајот, гравот, медот, ајварот, оризот.  На пример: Кочански ориз, Тетовски грав, Македонски ајвар, вино „Дисан“, Овчеполски мед, Кривопаланечки мед, Охридски бисер, бел мермер „Сивец“, Охридски чај и други.

Република Македонија како земја членка на Лисабонскиот договор за заштита на ознаки на потекло, преку Светската Организација за интелектуална сопственост (WIPO), ги има меѓународно заштитено Тетовскиот грав,  Македонскиот ајвар, Охридскиот бисер, виното „Дисан“ и Овчеполскиот мед.

– Каде е позицијата на Македонија во иноваторството, во споредба со земјите од регионот и Европа?

Во однос на земјите на регионот и Европа, со кои има приближен број на население, Македонија има многу добра позиција. Тука треба да се напомене и фактот дека, на иноваторството влијае и степенот на развиеност на државите. Како и да е, бројот на пријавите за патенти на национално ниво споредено со државите од регионот е на задоволително ниво.  На меѓународно ниво, бројот на пријави поднесени од страна на наштие иноватори е многу мал, порадите скапите постапки, кои достигнуваат и до неколку десетици илјади евра.

Меѓутоа, заштитата на странските патенти кои се заштитуваат во Македонија е со тенденција на постојан пораст. Ако го споредиме бројот на патентните пријави поднесени пред ДЗИС во последните три години, тој постојано се зголемува, и тоа  од 573 во 2014 година, 719 во 2015, за да во 2016 достигне 943 патенти.

– Дали имате податоци за понатамошниот успех на пазарот на патентите на нашите иноватори кои се заштитени кај вас?

За жал, немаме. Ингеренциите на Заводот, во однос на патентите, завршуваат во моментот кога се носи конечното решение за признавање на правото на патент. По ова, носителите на правото на патент треба сами да превземаат конкретни чекори за комерцијализација на нивниот патент и за  успехот на пазарите, како на домашен, така и на меѓународен план.

извор: inovativnost.mk
Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail