filiozofi_001-678x381.jpg

Здружението на класични филолози „Антика“ промовираше зборник посветен на 85 години од раѓањето на професорките Елена Колева, Љубинка Басотова и Даница Чадиковска, како посебно издание од електронското научно списание „Систасис“ (www.systasis.org).
Зборник посветен на професорките по класична филологија Колева, Басотова и Чадиковска

Зборникот беше промовиран на Филозофскиот факултет во Скопје и го претстави проф. д-р Марија Чичева-Алексиќ, претседател на „Антика“. Уредници се проф.д-р Весна Димовска-Јањатова и проф. д-р Даниела Тошева-Николовска. Насловот на Зборникот („Exegi monumentum aere perennius“) е преземен од познатиот стих на Хоратиј со цел да ја отслика идејата – да се создаде потсетник на нивните достигнувања. -Професорките Колева, Басотова и Чадиковска самите подигнаа блескави и достоинствени паметници со својата научно-истражувачка, педагошка и преведувачка дејност во областа на класичната филологија. Дејност што е импресивна по обем и значење, а инспиративна за многубројни генерации нивни ученици, студенти, колеги и соработници. Не е случајност изборот годишнината од нивното раѓање да се обележи со заеднички зборник, бидејќи тие биле соученички во скопската класична гимназија, дипломирале на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во близок временски период и ги врзува долгогодишно пријателство и професионална соработка, соопшти Здружението „Антика“. Зборникот содржи биографии и библиографии од наставната и научната работа на трите професорки, кои, како и предговорот и останатите информации за изданието, се објавени двојазично: на македонски и на англиски јазик. Останатиот дел од зборникот го сочинуваат дванаесет научни трудови од класичната филологија, но и од други сродни области – историја, византологија, историја и теорија на книжевноста, филозофија, македонистика, лингвистика… Автори на текстовите се научници од различни научни институции или се независни истражувачи од земјава, како и од универзитетите во Софија и Белград.
Зборник посветен на професорките по класична филологија Колева, Басотова и Чадиковска | opserver.mk

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail